23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Дебата посветена на работничките права во време на корона на Текстилијада во Штип

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска учествуваше на дебатата насловена „Работнички права за време на корона, корона-права”, во склоп на тридневната Текстилијада во Штип, организирана од страна на Здружението на граѓани на текстилните, кожарските и чевларските работници „Гласен текстилец“.

Почитувањето на работничките права на текстилните работници и работнички во време на пандемијата со Ковид-19, беше темата на овогодинешната Текстилијада . Како почесен гостин –говорник на денешната дебата беше претседателот Стево Пендаровски, кој го посочи значењето на ваков тип ндебати кои имаат за цел унапредување на работничките права преку отворен и широк социјален дијалог во интерес на засегнатите страни.

Министерката Шахпаска зборуваше за предизвиците кои ги донесе пандемијата од Ковид-19 и политиките и мерките преземени од Владата, со цел поддршка и помош на компаниите, зачувувањето на работните места и граѓаните, особено најранливите категории.

Таа истакна дека четвртиот пакет економска помош граден заедно со претставници од сите засегнати страни, синдикатите, работодавачите и Владата има за цел полесно премостување на кризата предизвикана од коронависрусот која освен здравствени, остава зад себе и економски последици.

„Овој пакет повторно ќе ги адресира проблемите на компаниите и ќе биде насочен кон помагање на работниците, но пристапот е различен. Овој пат помошта која ќе ја дава државата ќе биде скалеста. Оние компании кои имаат сериозна загуба ќе добијат поголема парична помош до 21.000 денари, а оние со помала загуба 14.500 денари. Тоа е пакет од 57 милиони евра кој државата директно го вбризгува во компаниите и на тој начин овозможува работниците да останат на своите работни места“, посочи Шахпаска.

Таа истакна и дека Оперативниот план за активни мерки кој го креира Владата оваа година е 78% реализиран. Што значи дека и во време на Ковид- 19, Агенцијата за вработување ги троши паричните средства одвоени од буџетот минатата година во износ од 1,3 милијарди денари. Министерката го посочи Законот за спречување и заштита од дискриминација кој е во собраниска процедура како особено значаен во делот во борбата против дискриминација на работниците врз која било основа.

„Продолжуваме со борбата за еднаквост, за зачувување на работничките права и борбата против мобингот“, порача Шахпаска.