Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска имаше работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), регионалната директорка за Западен Балкан, Жужана Харгитаи и директорот на канцеларијата во Скопје, Анди Аранитаси.
На средбата, од двете страни беше изразено задоволство од позитивната соработка помеѓу Северна Македонија и ЕБОР и беше изразена јасна волја за продолжување на истата со воспоставената динамика, со акцент на имплементација и реализација на тековните проекти, кои обезбедуваат развој на економијата и го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните.
Беше потенцирано дека продолжува поддршката за реализација на проекти во транспортниот сектор, односно патната и железничката инфраструктура, во делот на енергетската инфраструктура, гасификацијата, проекти за почитување на стандардите за заштита на животната средина и поддршка на малите и средни претпријатија во земјата.
Беше изразена подготвеност за интензивирање на соработката во насока на унапредување на поврзаноста на регионално ниво, со соседните земји, со цел подобрување на економскиот раст и покрај здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19.
На денешната работна средба беше поздравено објавувањето на Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан, од страна на Европската Унија и беше оценето дека регионалниот развој и соработката меѓу земјите ќе придонесе за подобрување на условите за инвестирање и отворање нови работни места.