23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицевски: ВМРО-ДПМНЕ ги даде предлозите за комисии во Собранието, застој има кај владејачкото мнозинство

ВМРО-ДПМНЕ ги доставило предлозите за комисии во Собранието, а застој има кај владејачкото мнозинство, рече Никола Мицевски, пратеник од редовите на опозициската партија.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена го даде својот дел од предлозите за комисиите и работните тела во Собранието. Кој е проблемот и застојот и каде има проблем владејачкото мнозинство за договор помеѓу нив, односно кој која комисија да ја води и на кој начин да функционираат, ќе побарате одговор од нив. Очекувам да биде закажана комисијата за избори и именувања на којашто се дава еден заеднички консензуален предлог за сите членови во сите работни тела“, истакна Мицевски одговарајќи на новинарски прашања.

Тој додаде дека врз основа на бројот на освоени мандати секоја политичка партија предлага и се знае колку точно членови има во секоја комисија. Мицевски очекува дека ќе ги задржат комисиите коишто ги раководеле во претходниот мандат, освен комисијата за избори и именувања, којашто во зависност од бројките што биле постигнати на овие избори има мала измена и сега ја раководи СДСМ.