25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Казни за две лица кои за Курбан бајрам правеле веселба со 80 гости

Обвинителството предложи казни за две лица кои за време на верскиот празник Курбан бајрам, во нивниот двор организирале семејна веселба со 60 до 80 гости.

Со тоа, двајцата постапиле спротивно на Одлуката за забрана на одржување и собирање на масовни собири и настани на отворен и затворен простор од секаков вид, со која се опфатени и јавни и приватни собири.

Поради непостапување според здравствените прописи, за нив предложени се парични казни од по 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 25 евра во денарска противвредност.

Обвинение е поднесено и против две други лица, од кои едното е косовски државјанин. Спротивно на Одлуката и протоколите за отворање на угостителските објекти за исхрана, со кои се забранува организирање прослави во отворениот и затворениот дел од објектот, тие организирале прослава по повод веридбата на синот на еден од обвинетите во угостителскиот објект во сопственост на другиот обвинет. На прославата присуствувале околу 15 гости, информираат од Обвинителството.

Против 18 лица, пак, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлози за издавање казнени налози поради непочитување на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија. Имено, за време на тогаш важечкиот полициски час, лицата без дозвола се движеле на различни локации во градот. За овие обвинети до надлежниот Основен кривичен суд Скопје предложени се парични казни од 100 дневни глоби со поединечна вредност од 20 евра во денарска противвредност.​