25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Пендаровски: Сите ние имаме обврска да се сеќаваме на геноцидот врз Ромите и Синтите во Европа и на Балканот

Претседателот Стево Пендаровски, преку видео порака се обрати на виртуелната комеморативна церемонија, што по повод 2-ри август, Европскиот ден за сеќавање на холокаустот врз Ромите и Синтите, се одржа во организација на Централниот совет на германските Синти и Роми и Асоцијацијата на Роми во Полска, во соработка со државниот музеј Аушвиц-Биркенау.

„ Денес се сеќаваме на еден ужасен датум од историјата, кога околу 4300 Роми и Синти бea убиени во нацистичкиот логор Аушвиц-Биркенау за време на Втората светска војна. Таа мрачна идеологија овозможи да се случи најголемото зло во историјата, што предизвика загуба на милиони човечки животи, меѓу кои и околу 500.000 Роми и Синти од Европа и Балканот.

Иако годинава одбележуваме 75 години од победата над фашизмот, загрижуваат некои актуелни факти и настани кои ги оживуваат историските неправди кон Ромите. Зголемениот интензитет на расизам, антициганизам, дискриминација и говор на омраза кон припадниците на ромската заедница и понатаму ја поддржуваат нејзината исклученост, некаде дури и изолираност од останатите заедници.

Предрасудите и стереотипите поврзани со нивната етничка припадност остануваат главната пречка за еднаков третман во остварувањето на основните човекови права и слободи. Негирањето на геноцидот врз Ромите и Синтите, освен што ја рециклира еднаш нанесената неправда, ја спречува и можноста да учиме едни од други, едни за други, и заеднички да градиме меѓусебна доверба, почит и разбирање.

Современите општества не смеат да дозволат ваквите појави, за кои што нема никакво морално и етичко оправдување, да бидат поважни од европските вредности и вредностите воопшто на едно современо демократско општество. Кај денешните генерации е одговорноста да создадеме отворени општества во кои секој поединец, без разлика на полот, возраста, етничката припадност, религиозното убедување или бојата на кожата, ќе има право на достоинствен живот.

Сите ние имаме обврска да се сеќаваме на геноцидот врз Ромите и Синтите во Европа и на Балканот за време на Втората светска војна. Личните сведоштва на преживеаните, нивните страдања, загуби и претрпени трауми треба да ни бидат предупредување да се заложиме тој страшен период од историјата никогаш да не се повтори, никаде во светот.

Единствениот возможен пат кон развој и просперитет на нашите општества е преку промовирање на човековите слободи и права, солидарноста, хуманоста и меѓусебното почитување“ порача Пендаровски.