24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

ФИТР подготвува нов повик за дигитализција на услуги во локална самоуправа

Постои голема потреба од иновации преку дигитализација во јавниот, како и во приватниот сектор, приватниот сектор беше и останува сериозен двигател во овој сегмент, а Владата веќе прави конкретни чекори и напори за воведување на дигитализација во јавниот сектор – ова се само дел од заклучоците од вториот јавен настан од серијалот „Дигитални предизвици за општествена трансформација“ во организација на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП), а во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

Директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, посочи дека дигитализацијата е процес кој го поедноставува животот и им дава можност на луѓето да го менуваат општеството и секојдневните животни навики и најави јавен повик за дигитализација на општинските услуги.

„Веќе сме во фаза на разговори со сериозна меѓународна институција да реализираме посебен јавен повик во кој ќе ги повикаме сите наши креативни сограѓани да предложат конкретни решенија за многу конкретни процеси во рамки на локалната самоуправа како што е аплицирањето за различен тип на согласности, дозволи и слично. Со тоа, ќе се намалат редиците пред институциите што не е само добро од аспект на пандемијата предизвикана од Ковид-19, туку и од тоа што луѓето си го трошат своето време бескорисно,“ најави Деспотовски. Фондот веќе има поддржано конкретни решенија за дигитализација на услуги во јавната администрација.

„Ќе дадам само еден пример на успешен модел за дигитализација во јавниот сектор кој ФИТР го направи за потребите на Министерството за транспорт и врски. Одевме со пристап во кој самата институција и корисниците на софтверот ги кажаа своите потреби, а македонските ИТ компании понатаму се натпреваруваа со технички решенија. На крајот, решението чини 30 проценти поевтино споредено со парите што биле платени пред 12 години, а многу брзо финалниот производ ќе почне да функционира.“, истакна директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски.

Поимот иновации во изминативе години стана многу достапен и разбирлив за сите граѓани и повеќе не претставува нешто кое сметаме дека може да се случува само надвор од нашата земја, туку стотици такви примери поддржани од ФИТР можеме да видиме и кај нас.

„Дигитализација не е апстрактен поим, туку во практична смисла значи поедноставување на пристапот на граѓаните до услугите на јавниот сектор. И поквалитетна услуга и поквалитетна контрола, но и целосно почитување на времето и здравјето на граѓаните, избегнувајќи редици и колони пред јавните институции. Дигитализација практично значи секој од нас да може да извади извод од матична книга за 15 или 30 минути, без притоа да има потреба некому да однесете кафе или бонбониера. Ова е само еден пример.“, рече Деспотовски

Проектот „Новапарк“ кој е финансиски поддржан од ФИТР претставува smart-паркинг решение кое собира и прикажува реални податоци од самите паркинзи, како бројот на слободни паркинг места, цената за паркирање од час и статистички податоци за зафатеноста на паркинзите, посочи Даниела Смилковска, Проектна менаџерка во Макаларм, македонска компанија која го реализира проектот.

„Нашиот проект овозможува во реално време да се прегледаат слободните паркинг места на паркинзите кои ќе се поврзат на системот. Исто така, изработена е и мобилна апликација преку која крајниот корисник може да изврши електронско плаќање од својот мобилен уред. Веќе преговараме за комерцијализација на нашиот проект со неколку општини и трговски центар од нашата земја.“, појасни Смилковска.

Таа истакна дека софтверот кој го изработиле нуди можност целосно да ја дигитализира паркинг индустријата во земјава.

„Доколку „Новапарк“ се користи на јавните паркинзи, а камерите детектираат возило кое е паркирано на тротоар, системот нуди опција да го фотографира и да испрати информација до надлежните дека возило со конкретни регистарски таблички е неправилно паркирано. И тука конкретно навлегуваме во делот на институционална интероперабилност и практична дигитализација, бидејќи ваквата информација е веднаш достапна за МВР каде што може автоматски да се генерира казна за несовесниот возач. Истовремено, информацијата стигнува и до јавното претпријатие кое има надлежност и го отстранува возилото.“, рече проектната менаџерка Смилковска.

Ако сакаме да направиме напредно општество, влогот е дигитализацијата, истакна Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и координатор на Програмата за транспарентност и дигитализација на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

„Периодов сите многу зборуваме на тема дигитализација, но потребно е преземање на вакви видливи проекти и активности кои ќе покажат дека тоа претставува конкретна придобивка за сите. Дигитализацијата значи немање гужви пред шалтерите, во маркетите и продавниците, поквалитетно образование и здравство, повеќе заработувачка за сите, особено за младата генерација. Важно е што разговаравме за конкретни проекти кои за брзо започнуваат да се реализираат, како што се „паметниот“ паркинг, но и прифатената иницијатива на ИДУЕП од страна на ФИТР за поддршка во процесот на дигитализацијата на услугите на локално ниво“, посочи Кордалов.

Според Кордалов, ваквата поддршка на процесот која ја даваат јавните функционери, мора да стане правило во функционирањето на државата и новата „нормалност“.

„Дигитализацијата не е повеќе право на избор, туку обврска на сите држави и општества кои се насочени кон обезбедување на поквалитетни услуги за граѓаните и напредок. Денес, во ера на коронавирусот, дигитализацијата е влог и во заштитата на здравјето на секој наш сограѓанин. Затоа, повеќе од било кога мора да покажеме дека е потребно обединување на сите политички и општествени чинители во делот на дигитализацијата, односно градење на национална и натпартиска платформа во оваа сфера“.