25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Македонски концепт се залага за 0 отсто данок за стартапи за првите три години

Многу домашни мали компании работат како подизведувачи на големите европски и американски компании, а податоците за приливот на пари во македонската економија укажуваат дека ИТ-секторот е клучен за државата – нудење ИТ-услуги и решенија. Затоа, предлагаме 0 % данок за стартапи за првите три години, изјави Ивица Мицев, кандидат за пратеник во ИЕ3.

„Во кампањата на опцијата ‘Можеме’ слушнавме дека ќе го укинеле персоналниот данок, токму за ИТ -професионалците, и тоа оние што воведоа прогресивен данок за примања повеќе од 1.500 евра, па после се премислија и го одложија неговото извршување и во контекст на ова би сакал да прашам како граѓанин и кандидат за народен претставник – дали по тие 36 месеци, ќе почне да се извршува прогресивниот данок со истата стапка од 1.500 евра? Ова ветување што го дава оваа опција е чиста демагогија и манипулација, едноставно нема смисла да се воведе прогресивен данок и воедно да се укине персоналниот данок“, изјави Мицев.

Македонски концепт, додаде тој, има визија за задржување на ИТ -кадарот во државата и враќање на нашите инженери кои заминаа во развиените понапредни земји, а тоа ќе го направиме со учење од полскиот пример.

„Полска успеа со вистински мерки и намалување на придонесите за 50 % за ИТ и слични услуги да привлече голем број ИТ-гиганти, да овозможи раѓање домашни стартапи, да ги поддржи идеа-инкубаторите. Ние од Македонски концепт се залагаме за 0 % данок за стартапи за првите 3 години. Со ова ќе ги стимулираме младите да се насочат кон отворање стартап-бизниси и градење кариера овде во Македонија“, вели Мицев.

Тој рече дека Скопје е веќе нефункционален град во смисла на инфраструктура и загадување и потребно е да се прогласи мораториум за градење во градот на 100 години, а притоа урбанистички да се планира и гради „Скопје 2“ со брза железничка и автопатна поврзаност со Скопје и тој град да биде град со фокус на ИТ-индустријата и Клиничкиот центар со сектор за бизнис и сектор за домување во хармонија со природата и силен фокус на обновливите извори на енергија.

„Доколку ни дадете можност да бидеме ваши претставници, ние оваа идеја ќе ја направиме проект. Нашите архитекти и градежни инженери имаат скенирано локации во близината на Скопје, а едната од потенцијалните локации е во општина Илинден и во општина Петровец поради веќе постојата инфраструктура“, додаде Мицев.