23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

На Република Сан Марино и се заканува опасност од банкрот и губење на независноста

Република Сан Марино е во опасност да банкротира поради економската криза што се случи по пандемијата на „Ковид-19“.

Поради долгот, таа би можела да ја загуби својата 1300-годишна независност, пишува весникот „Ил фато Квотиџиано“.

На почетокот на пандемијата, Република Сан Марино се двоумеше да воведе карантин поради економски причини, но откако беа заразени 1.200 граѓани од вкупно 33.000 и процентуално скокна на првото место во однос на бројот на заразени во светот, надлежните беа принудени да воведат рестриктивни мерки.

Дури и пред пандемијата, банкарскиот систем на Републиката се распаѓаше, долговите на земјата пораснаа на 360 милиони евра, а сега, за да се избегне финансискиот колапс, надлежните во Сан Марино бараат помош од својот прв сосед Италија, и „Банкиталија“.

Република Сан Марино долго време беше даночен рај, идеално место за криење пари и траги на фирми чиешто богатство сопствениците не можеа да го докажат.

Од 11 банки, 6 банкротираа, загубите мораше да ги надокнади државата, а една банка се национализираше.

Во последните пет години богатството на Републиката е двојно намалено, бруто-домашниот производ пред пандемијата бил помал за 28 отсто, а поради Ковид-19 и карантинот се намалил за уште 12 процента.

За да ја ублажи економската криза, Република Сан Марино испечатила државни обврзници „титано” во вредност од 500 милиони евра. Еден „титано” вреди едно евро, но тоа не е доволно, бидејќи недостасуваат пари за исплата на пензии и за живот, пишува весникот.

Дури се размислува и за воведување ДДВ, што би претставувало преседан во историјата на најмалата држава на светот.

„Ил фато Квотиџиано“ пишува дека доколку не му се помогне на Сан Марино, тој би можел да падне во рацете на кинескиот или рускиот капитал, а потоа тие земји би можеле да го искористат за да купат гласови во меѓународни институции како ООН, ОБСЕ и слично.

Околу 10.000 Италијанци кои имаат двојно државјанство живеат во Сан Марино, така што ова е еден од мотивите што некои италијански политичари апелираат да помогнат, затоа што ако Сан Марино не успее, тоа ќе биде трагедија и за Италијанците“, тврди членот на Демократската партија Марко ди Мајо.