ЕУ ја затвори вратата за патување во Шенген зоната за Македонците – Евзони од утре отворен но само за транзит.
По неколкучасовно одлучување меѓу земјите членки на ЕУ – Советот се согласи да започне со укинување на патните ограничувања за жителите на некои трети земји, но не и за Македонија.
Од утре во ЕУ ќе можат да патуваат граѓани на 14 земји Алжир, Австралија, Канада, Грузија,Јапонија, Црна Гора, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Србија, Јужна Кореа, Тајланд,Тунис, и Уругвај. Македонците ќе почекаат уште некоја недела.
Во соопштението кое Европскиот Совет го објави на својата официјална страна стои:
Критериумите за утврдување на трети земји за кои треба да се отстрани сегашното ограничување на патувањето, опфаќаат особено епидемиолошката состојба и мерките за ограничување, вклучително физичко растојание, како и економските и социјалните аспекти. Тие се применуваат кумулативно.
Во однос на епидемиолошката состојба, наведените земји треба да ги исполнуваат следниве критериуми, особено:
– број на нови случаи COVID-19 во последните 14 дена и на 100 000 жители да биде близу или под просекот на ЕУ (како што стоеше на 15 јуни 2020 година)
– да има стабилен или опаѓачки тренд на нови случаи во овој период во однос на претходните 14 дена
– целосен одговор на СОВИД-19, земајќи ги предвид достапните информации, вклучително и за сите аспекти како што се тестирање, надзор, третман и известување, како и веродостојноста на информациите.
Списокот на трети земји за патување, ЕУ ќе го разгледува на секои две недели, а Препораката на Советот не е правно обврзувачки инструмент .
Во меѓувреме грчки извори брифираат дека официјална Атина ќе чека уште две седмици, а на 15 јули, повторно ќе го отвори прашањето за туристите кои доаѓаат од Македонија, но со оглед на растот на новозаболени од коронавирус шансите се мали.
Изминатата недела тв 24 објави список кој протече од грчките институции за 9 непожелни земји за влез на 1ви јули, меѓу кои беше и Македонија.