24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев од Струмица: За три години пензиите ги покачивме за 1.800 денари, грижата за пензионерите е еднаква како и за сите други граѓани

Претседателот на СДСМ и носител на кандидатската листа на пратеници од изборна единица 4, Зоран Заев денеска ја започна кампањата на СДСМ и коалицијата „Можеме“ од неговата родна Струмица. Претседателот Заев се сретна со пензионери од Струмица и со нив разговараше за понудата на СДСМ и коалицијата „Можеме“ на претстојните парламентарни избори на 15 јули.

„Економијата од -1.8% пад ја дигнавме на 3.6%. Со дигањето на економијата имавме пари и за покачувањето на пензиите и за покачувањето на минималната плата и на просечната плата во државата. Пензиите од јануари ги покачивме за 722 денари. За овие три години пензионерите имаат просечно покачување на пензијата од 1800 денари во време во кое ги решававме најголемите прашања на државата и ги покривавме и плаќавме дупките останати во буџетот од минатата власт“ порача претседателот Заев.

Зборувајќи за новите мерки од програмата, претседателот Заев рече дека е предвидено во соработка со општините да се работи на зајакнување на улогата на пензионерите преку нивно вклучување во јавниот живот, преку волонтирање и ангажирање на повозрасните лица кои сакаат да имаат исполнети денови. Тој се осврна е на предвременото исплаќање на пензиите во време на кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД-19 вирусот, за што потенцира дека е резултат на доброто менаџирање со економијата.

„Од вашите вредни раце, од трудот што го имате вложено додека сте работеле сте ја изградиле нашата земја и сега со вашето искуство вие сте наши советници, секогаш вашиот совет од вашето драгоцено искуство е вреден и потребен. Затоа водењето грижа за пензионерите треба да биде еднакво како и за помладите и за сите. Кога ќе растат платите, ќе растат и пензиите, како ќе се подобрува животот на сите, така и ќе се подобрува животот на пензионерите. Само така е исправно, само тогаш ќе имаме социјална слога и ќе бидеме среќни!, истакна претседателот Заев.

Претседателот Заев ги повика пензионерите да излезат на изборите кои ќе бидат безбедни по здравјето и да го дадат својот глас за СДСМ и коалицијата „Можеме“ за да продолжиме сите заедно уште повеќе и уште подобро да ја градиме и развиваме нашата земја.

Средбите со граѓаните од овој тип се одржуваат според строго одредени протоколи за заштита од КОВИД-19 вирусот.