На Клиниката за Државна Кардиохирургија во Скопје, по 6 часа операција, во 2 часот по полноќ беше трансплантирано новото срце во телото на 54 годишниот пациент. Два бубрега од истиот донор во моментов се трансплантираат на Клиниката за Урологија кај двајца пациенти со хронична бубрежна слабост кои со години беа на дијализа.
Првата трансплантација на срце во координација со Министерот за здравство Доц. др Венко Филипче ја започна и ја водеше Националниот координатор за трансплантација др Маја Мојсова Мијовска. Таа со својот тим болнички координтори- др Билјана Андоновска, др Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесираа пациентката во мозочна смрт и ги направија сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.
„Трансплантацијата е успешна. Ова е голем ден за нас. Посебен по многу нешта. Би сакале најпрво да се заблагодариме на семејството на донорот. Да се донесе одлука да се даруваат органи во моментот кога го губите саканиот, е тешко. Незамисливо тешко. Потребно е многу сила, многу љубов и многу хуманост да мислите на нечиј туѓ живот во моменти кога знаете дека сте го изгубиле најблискиот. И за ова сме им бескрајно благодарни. Тие се се хероите на оваа приказна. Би сакал да им се заблагодарам на лекарите од јавното и приватно здравство, медицинските сестри, координаторите и сите оние кои тимски ја направија трансплантацијата. Ова е огромен успех за македонското здравство“ – порача Филипче
На експлантацијата работеа др Марјан Шокаровски и др Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија, др Александар Николиќ од Аџибадем Систина, а од КАРИЛ анестезијата ја водеа др Маја Мојсова Мијовска, др Весна Дурнев и др Билјана Андоновска.
Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. др. Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со др Васил Папестиев, Др Марјан Шокаровски, др Ванѓел Здравески, др Кјутим Џелили, др Тања Анѓушева, др Никола Христов, др Стефанија Хаџиевска, Др Надица Мехмедовиќ, др Весна Миташова, Др Јасмина Илиевска, др Марија Гераковска и др Димче Славевски од Аџибадем Систина.
Во моментов на Клиниката за Урологија на трансплантациите на бубрезите работат лекарски тимови под раководтсво на др Сашо Дохчев, др Александар Трифуновски, др Ставридис и др Јанчулев со тим лекари од клиниката.
Во оваа постапка беа вклучени и лекарите од Институтот за трансфузиологија кои ја направија комплетната обработка за совпаѓање на донорот и на реципиентите на органи, лекарите од Институтот за радилогија кои ги направија потребните снимања и секако на лекарите од Клиниката за нефрологија кои ги водеа и подготвија за трансплантација пациентите на дијализа.
Пациентите кои ги добија органите беа избрани од Националните листи за чекање за срце и бубрези според медицински утврдени криетриуми за совпаѓање кои ги изготви и со кои раководи Министерството за здравство.