Опозицијата се плаши од избори, има чувство дека ќе загуби, дека ќе бидат казнети нивните погубни политики, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев, на гостувањето во „Утрински брифинг“.
Политичката иднина и кариера на Мицкоски е во прашање ако излезе на избори, но јасно е дека тој што губи- си оди, рече Заев
Нешто чудно се случува во опозицијата во последно време, Мицкоски често е коригиран од своите колеги, во петокот тој изјави дека не гледа зошто била воведена втората вонредна состојба, дека немало потреба за тоа, за веднаш потоа, по неколку дена неговиот потпретседател Николовски вели дека не само втора, туку треба да се свика и трета, само за да се одлагаат изборите, истакна Заев.
Во таа насока се и нивните коментари за едностраната изјава на Бугарија, рече Заев, бидејќи тие што се научени во политиката да одат со национализам и популистички побуди, така и продолжуваат, а ова прашање го отвораат од желба за политички поени.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокациите, бидејќи македонскиот јазик признаен секаде, државата е членка на НАТО, а наскоро ќе се отворат првите поглавја за преговорите за членство во Европската унија.
Секаде опозицијата бара функционален парламент, да биде коректив на власта, само кај нас не е така. Но, тоа е јасно, затоа што таа е исплашена, не само заради оваа здравствена криза, тоа е последица на немање на ставовите и околу најважните прашања за државата, обидувајќи се да ги закочи интегративните процеси, блокирајќи ги законите што се гласаа во Собранието, закони важни за правосудството, но и кодошењето во ЕУ, истакна претседателот Заев.