25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заврши вонредната Владина седница денеска – донесени се многу важни одлуки

За првомајските празници, во петок, сабота и недела, ограничувањето на движењето почнува во 14:00 часот; Обезбедени 50 милиони евра заем од Светска банка за исплата на плати за работниците во приватниот сектор; Уште на 377 компании со 2.735 вработени им се одобрени бескаматни кредити во вкупен износ од 2,5 милиони евра; Интервентна мерка во износот од 3 денари по килограм за продадена зелка во периодот од 5 април до 5 мај 2020 година, се само дел од новодонесените одлуки на четириесетиседмата владина седница.

На денешната 47-ма седница, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за ограничување на движењето на граѓаните на територијата на целата држава за време на првомајските празници.

На 1, 2 и 3 мај, односно петок, сабота и недела, ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 05:00 часот наутро до 14:00 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 14:00 часот и ќе трае до 05:00 часот наутро следниот ден.

За лицата над 67-годишна возраст, во петок, сабота и недела ќе биде дозволено движење од 05:00 часот наутро до 11:00 часот.

Сите деца и млади лица до 18 години, во петок, сабота и недела ќе може да излегуваат од 12:00 до 14:00 часот.

На оваа своја седница Владата донесе Уредба со која се определува дека финансиската поддршка за спас на работни места ќе се спроведува преку Владина Програма за финансиска поддршка на работодавачи погодени од здравствено-економската криза предизвикана од КОВИД-19 со исплата на финансиски средства на сметка на работодавачот-барател за исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник.

Денеска Владата ја усвои Информацијата за реалоцирање на средства од Проектот за поврзување на локални патишта финансиран од Светска банка, во износ од 50 милиони евра, во насока на кофинансирање на владината мерка за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза за исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година.

На предлог на Развојна банка на Северна Македонија, Владата денеска ја разгледа и усвои третата информација до Владата на Северна Македонија за обработени компании кои ги исполнуваат условите и критериумите за бескаматни кредити. На вкупно 377 компании со 2.735 вработени, им се одобри користење на бескаматни кредити во вкупен износ од 2.533.892 евра.

Во трите групи заедно, се одобрени вкупно 631 кредитни апликации во вкупен износ од 4,7 милиони евра, за компании со 5,588 вработени.

По структура од вкупно одобрените кредитни апликации, микро компаниите до 10 вработени учествуваат со 76%, малите компании до 50 вработени учествуваат со 22%, а средните компании до 250 учествуваат со 1%.

Од вкупно одобрените 4,7 милиони евра, 2,1 милион евра се одобрени на компании во транспортната дејност, 2,4 милиони евра се одобрени на компании од угостителството, додека останатите се одобрени на компании во туризмот (туристички агенции и туроператори).

На денешната седница, Владата на Република Северна Македонија донесе интервентна мерка наменета за стабилизирање на пазарот со зелка од домашно производство. Корисници на оваа интервентна мерка се земјоделски стопанства кои имаат засадени површини со зелка, а оствареното производство го имаат продадено кај регистриран откупувач, запишан во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.

Финансиската поддршка во износ од 3 денари по килограм, ќе се исплати за количини кои се продадени во периодот од 5 април до 5 мај 2020 година. Со оваа интервентна мерка ќе се стабилизира пазарот со зелка кој во месец април беше дестабилизиран поради намалување на побарувачката и откупната цена, како последица од вонредната состојба предизвикана од коронавирусот.

Исто така, на денешната седница се усвои и Програма за изменување на Програмата за финансирање на активностите во тутунското производство за 2020 година.

Со усвојувањето се овозможи префрлање на средства во висина од 110 милиони денари од Програмата за финансирање на активностите во тутунското производство за 2020 година во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година.

Со средствата кои се пренаменети ќе се изврши исплата на заостанатите обврски кон земјоделците.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на парични права од социјална заштита за април 2020 година и го задолжи Министерството за труд и социјална политика да ги достави податоците за корисниците на парични права од социјална заштита до деловните банки најдоцна до 30.04.2020 година.

Владата донесе заклучок да им се препорача на деловните банки да обезбедат достапност на средствата од априлските исплати на паричните права од социјална заштита преку банкомати и во трговските мрежи од 04.05.2020 година (понеделник).

Денеска е донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за угостителската дејност за време на вонредна состојба со која се регулира времето на продолжување на важноста на лиценцата за вршење на угостителска дејност во ноќен бар, кабаре, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор за период од шест месеци.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од пренамена на преостанатите средства од Програмата за заштита на животната средина по долината на реката Радика, одобрени од Генералниот директорат за развој и соработка (DGCS) на италијанското Министерство за надворешни работи и го задолжи Министерството за надворешни работи на Северна Македонија да го пренесе барањето до италијанската страна за пренамена на преостанатите средства од Програмата за заштита на животната средина по долината на реката Радика во висина од 1,6 милиони евра за борбата против КОВИД-19 во Југозападниот плански регион, како најпогоден регион од пандемијата во земјава.

На оваа седница Владата разгледа и усвои „Информација за преземање на потребни дејствија за мобилната апликација „StopKorona!“ и го задолжи министерот за здравство да донесе решение за формирање на работна група за вршење увид во изворен код на мобилната апликација „StopKorona!“, составена од независни членови со соодветни познавања, чија задача ќе биде да извршат проверка на соодветност на изворниот код со намената и целта на апликацијата, како и безбедноста на истата.

Владата го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација по завршување на потребата од постоење на апликацијата „StopKorona!“, да предаде копија од виртуелната машина на Министерството за здравство заедно со целокупната база на податоци, да ја изгасне наведената виртуелна машина и трајно да ја избрише, како и трајно да ги избрише сите податоци кои се зачувуваат за потребите на функционирањето на апликацијата.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за проширување на функционалноста на Владиниот контакт центар и во други институции за компаниите и граѓаните во врска со информации за економските мерки и другите поврзани мерки за КОВИД-19.

На овој начин ќе се овозможи поуспешна поддршка на компаниите и граѓаните, да им се одговори на прашањата што ги имаат за економските и други поврзани мерки, навремено и во целост со компетентна стручна помош.

Со Уредбата со законска сила за примена на одредбите од Законот за енергетика и Правилникот за програма и начин на полагање на испит за стручна оспособеност за ракувачи на енергетски уреди и постројки за време на вонредна состојба, Владата овозможи одлагање на полагањето на испитот за времетраење на вонредната состојба.