25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Пендаровски: Велигден да донесе мир, хармонија и радост

Денес е најголемиот христијански празник, Воскресението Христово кој во себе ја носи моќната порака дека животот секогаш победува. Посакувам Велигден во вашите домови да донесе мир, хармонија и радост кои ќе ги споделите со најблиските, се вели во честитката по повод празникот Велигден што ја упати претседателот, Стево Пендаровски.

„Оваа порака вообичаено ќе ви ја упатев по редовната служба по повод празникот на која традиционално присуствуваат голем број граѓани кои потоа се подготвуваат за заедничките мигови со своите семејства и своите најблиски.

Но, оваа година имаме поинаков Велигден. Поради глобалната криза предизвикана од пандемијата со која сите се соочуваме, годинава сме под товарот на заканата од коронавирусот и празникот го дочекуваме во нашите домови, во различна атмосфера и со поинакви навики и однесување.

Дел од нашите граѓани се во првите редови во справување со кризата, и дење-ноќе ги извршуваат своите работни обврски со што ни овозможуваат на повеќето од нас да останеме дома со она што ни е најпотребно за да ги сочуваме нашето здравје и нашите животи.

Посакувам Велигден да не потсети дека сега ни е потребна верба, храброст и трпение за да го издржиме овој тежок период во справување со вирусот, а преку надминување на кризата да ја научиме најважната животна лекција за нужноста од поголема еднаквост, одговорност, солидарност и почит меѓу нас.

Нека е за многу години големиот празник, Христос воскресна“, се наведува во честитката на Пендаровски.