Еден навидум обичен фејсбук статус на претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ во Битола, Марко Јосифовски, во кој соопштува дека два автобуси со повратници од Малта, инаку родени битолчани се сместени во познат хотел во карантин, без потреба ја испаничи Битола, со оглед дека ниту еден од нив не е заразен со коронавирус, ниту пак имал некакви симптоми, а најважно е што сите поминале на преглед кај доктор, да имало барем најмал симптом ќе биле заддржани.
– Во овие моменти, два автобуси со лица повратници од Малта се сместуваат во хотел Епинал во карантин.😤😤
Да, вистина е, не е мајтап, во Битола град без ниту еден заболен се носат во центарот на градот Малтешки повратници.
Битола станува потенцијално ново жариште.🤮
Господ да ни е на помош, од толку места вие карантинот го поставивте во центарот на градот.🙏🙏
Честитки, браво. Честитки за ова и честитки за коритото на влезот од градот.
Се надевам дека и ова е некој пранк на пранкерот Ритко Мадафака.🤦♂️, пишува во Фејсбук статусот на младиот битолчанец, прв човек на подмладокот на опозициската партија, по што доби безброј коментари, најчесто осудувачки.
Статусот крена паника и наиде на жестоки реакции
Вистинска паника се крена вечерва во Битола, се вжештија телефоните, но и социјалните мрежи.
Најчесто неговиот статус беше осудуван поради тоа што факт е дека ниту еден од дојденците не е заразен од коронавирус.Тие всушност се нормални граѓани и жители на Битола, и имаат ист статус и права како младиот Јосифовски и согласно препораките на СЗО мораат да бидат во карантин, тоа на ниту еден начин не значи дека се заразени и дека треба по нив да се фрла со дрвја и камења.
Тоа е така бидејќи државата полесно може да се справи со државен отколку со индивидуален карантин со оглед дека се работи за поголема група на луѓе кои живеат на различни адреси, а за тоа се потребни многу ресурси, кои би го оптовариле системот.
За жал, повеќе станува жално, отколку смешно, што во коментарите може да се забележат и граѓании кои ја обвинија и 5G мрежата, што нема никаква врска или поврзаност со ваквата ситуација.
Карантинот од 14 дена е стандардна процедура, не е ниту место, ниту време за паника
Ваков карантин од 14 дена одамна има и во сите земји, за сите новодојдени лица од земји каде има регистрирано коронавирус.
Зачудува паниката во која е втурната Битола вечерва за џабе, особено во ваков сензитивен момент, бидејќи лицата кои се во карантин ќе мора 14 дена да го почитуваат тоа и ќе бидат со 24 часовно обезбедување од страна на полицијата, што значи дека шансите некој да го прекрши ова се рамни на 0.
Да потсетиме дека Битола не е единствениот град во Македонија кој има свои граѓани кои биле во странство и се вратиле со вонредните летови кои ги организираше македоонската влада со цел да им помогне на граѓаните на Македонија кои имаат македонско државјанство да се евакуираат од земјите во кои се затекнале за време на почетокот на коронавирус кризата.
Откако локалниот шеф на УМС виде каква фама се дигна околу неговиот фејсбук статус излезе со нова објава релативизираше и беше поблаг – но по свадба тапани!
-Значи да повториме: Никој не ги мрази луѓето шо дојдоја, проблемот е во ЛОКАЦИЈАТА. Народо не се буни оти ќе живеат во ,,луксуз” 2 недели, туку зато шо ќе бидат сместени в центар! Во теко на дено то е најфрекфентна локација дури и во ова корона време. Во радиус од 300 метри има 20 банки институции, дуќани и други објекти шо работат дење. Шо ако еден од нив е заразен? Во најпрометнио дел од градо ќе имаме 50 потенцијални заразени!!?? Шо ако еден од нив стани ,,клаустрофобичен” и му текни да ја кидни низ корзо како во Штип? Вреди да се ризикува? Сите тие готвачи, полиција, вработени во Епинал и кој и да има контакт со нив ќе треба да го поминва Корзо 2-3 пати денот… значи уште еднаш… не ги мразиме луѓето тие се наши сограѓани, треба да им се помогни и да се згрижат, ама ЛОКАЦИЈАТА е прелошо избрана, полошо од ова е само ако ги сместат во Кам или во Веро…Господ нека ни е на помош , напиша тој.
Битолчани да не се плашат, во Малта има помалку заразени и од Македонија
Во Малта досега се регистрирани 139 случаи на коронавирус, и таа е земја без смртни случаи од овој вирус.
Во Македонија пак регистрирани се 219 случаи на коронавирус и три смртни случаи, што е многу пониска стапка на број на заразени од голем број на земји.
Реагираа и од Општина Битола: Сите се прегледани од доктори, тие се наши битолчани и се во контролирана изолација со 24 часовен надзор.
Пристигнатите лица, наши сограѓани, се сместуваат во контролирана изолација, со полициски надзор, а претходно прегледани од доктори. Изолацијата која до сега беше во сопствените домови, како мерка е подобрена со изолација контролирана на ваков начин, бидејќи се под 24 часовен надзор, што не остава можност за непочитување на изолацијата како што се случуваше во изминатите денови во одредени ситуации во државата, вклучително и со еден случај во нашиот град. Никој од нив не претставува опасност за градот затоа што тие постојано ќе бидат надгледувани. Значи, пристигнатите лица се сместуваат во контролирана изолација.
Сите имаме право да бидеме уплашени, но не да ги напаѓаме оние кои можеби се и недолжни, затоа што сакаат да се вратат дома. Најголем дел од нив се наши деца.
Нека ги поминат во мир 14-те изолативни денови, а не уште повеќе да им ја отежнуваме состојбата.
Мора да преовладува разумот, состојбата на човечност, колективност каков што секогаш сме го имале.
Останете во своите домови со Вашите семејства и оставете на професионалците да си ја завршат својата обврска. Само заедно ќе излеземе посилни од оваа глобална светска криза, која за жа, не не одминува ниту нас.
Лесно се манипулираат граѓаните со лажни вести, време е Обвинителството и институциите да реагираат без разлика дали се работи за личност која доаѓа од моќна партија
Без разлика од која политичка партија, дали таа била моќна или не, и без разлика каде припаѓа личноста што го хушка народот еден против друг и создава паника, време е да се почне со барање на одговорност од тие кои се неодговорни. Во вакви сензитивни моменти мора да се стави крај на ваквото креирање на лажна атмосфера која понатаму оди до дезинформации без никаква логика, а сето тоа доведува до беспотребна паника која може да има и потешки последици.
Во текот на вчерашниот ден бевме сведоци на лажни вести дека во Македонија се поставувале 5Г антени, па умирале врапчињата и тоа имало врска со коронавирусот.
Ниту во последниов период се поставила некаква 5Г мрежа, ниту пак умирале врапчиња од тоа. Најмалку логички е поврзаноста на тоа со коронавирусот. Тоа можат да Ви го потврдат информатичарите, но и здравствените работници.