25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Забранет пристап на Водно и нема собирање во паркови – во аптеките, банките и поштите се воведува редарска служба

Владата на 23-тата седница донесе одлука со која се забранува пристап на лица и возила во Парк шума „Водно“, секој ден, во период од 18:00 часот до 6:00 часот наредниот ден. Се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини. Сите маркети, аптеки, банки и пошти, задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти.

Владата на синоќешната седница го разгледа и го усвои Записникот од Четвртиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, одржан на 19 март 2020 година.

Истовремено, согласно предлозите изнесени во расправата на седницата, ги усвои следниве заклучоци:

1. Се забранува пристап на лица и возила во Парк шума „Водно“, секој ден, во период од 18:00 часот до 6:00 часот наредниот ден.За оваа цел, се задолжува Министерството за внатрешни работи, со патролни возила да го затвори пристапот кон Парк шума „Водно“.

2. Се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини.За оваа цел, се задолжуваат Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Северна Македонија да ги разбиваат овие групи и да ги интензивираат теренските контроли.

3. Се забранува одржување на наставата и спроведувањето на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возачи, за период од 14 дена.За оваа цел, се задолжува Министерството за внатрешни работи доколку е потребно ова правно да го нормира во Уредба со законска сила.Согласно ова, Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19.

4. Се препорачува на сите работодавачи во Република Северна Македонија, односно секое раководно лице на институцијата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата и начинот на работа на вработените лица, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата.

Исклучок од оваа мерка се вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови.Согласно ова, Владата на седниците на Владата и работните тела да разгледува само материјали поврзани со постоењето на вонредна состојба.

5. Сите маркети, аптеки, банки и објекти кои даваат поштенски услуги, задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влезот и бројот на лица во истите, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метри помеѓу лицата пред и во објектите.

6. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите во приватните куќи и вили во кои се организираат забави и собири (во општина Сопиште и во населеното место Соње), со цел да се преземат мерки за спречување на ваквите собири, а кон сопственикот на објектот и присутните лица затечени во објектите да се преземат соодветни законски мерки заради непочитување на мерките и препораките на Владата.

7. Се задолжува Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство да оствари работна средба со здруженијата на сточари и Федерацијата на фармери, во врска со извозот на јагниња, како и утврдување на мерки што треба да се преземат во овој период“.