23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ФЗОМ: Пациентите кои сакаат да отворат боледување да се јават телефонски кај матичниот лекар

Во интерес на безбедноста на граѓаните на целата држава, чијшто здравствен систем во целост е мобилизиран, а со цел да се намалат штетните последици од коронавирусот, е да се минимизира непотребниот контакт меѓу матичните лекари и пациентите, кои треба да се обраќаат на лекар само кога тоа е навистина неопходно, велат од Фондот за здравствено осигурување преку соопштение.

Од Фондот, донесоа низа мерки кои се однесуваат на осигурениците, матичните лекари и аптеките.

За осигурениците:

Пациентите ќе можат да ги добијат потребните здравствени услуги и преку телефон, така што осигуреното лице нема да има потреба да доаѓа во ФЗО за отворање на ново боледување, ниту за продолжување на боледувањето, туку треба да се јави телефонски кај матичниот лекар.

Матичниот лекар може да издаде боледување до 14 дена (наместо до 7 дена) без да се придржува на Критериумите за дијагностички постапки и оцена на привремена спреченост за работа поради болест и повреда. Боледувања за респираторни заболувања (JОО-99) матичниот лекар ќе може да ги отвори – продолжи и по истекот на 14 дена, односно, до завршување на мерките за спречување на заразата.

Кога матичниот лекар поради болест или изолација не е на работното место, здравствените услуги ги пружа лекарот замена. Во случај кога во изолација се наоѓа и лекарот замена, Фондот ќе овозможи без ограничување назначување на втор лекар, а по потреба и друга замена.

Издавање рецепти за лекови на товар на Фондот

Матичниот лекар може да издаде рецепт за хронична терапија и во случај кога препораката од специјалистот/отпусно писмо е постара од една година.

Рецепти за хроничната терапија матичниот лекар да издава за 6 месеци.

Здравствени услуги од специјалистичко – консултативна здравствена заштита и општа стоматологија

Поради спречување на ширење на Коронавирусот здравствените установи од дејноста специјалистичко-консултативна здравствена заштита и општа стоматологија треба да пружаат здравствени услуги само во итни случаи.

Заверка на ортопедски помагала

Издавањето и заверката на ортопедските помагала ќе ја вршат матичните лекари, односно лекари – специјалисти. Осигурените лица не треба да доаѓаат во подрачните служби на Фондот за заверка на потврдата.

Заверената потврда, Фондот по службена должност, ќе ја доставува по пошта на адреса на живеење на осигуреното лице.

Остварување на право на рехабилитација како продолжено болничко лекување

Oсигурениците кои треба да ги реализираат решенијата (кои се со важност од два месеци) за остварување на правото на специјализирана медицинска рехабилитација, ќе може да ја продолжат и по престанок на времената мерка.
Осигурените лица кои се веќе на рехабилитација, доколку имаат потреба да ја прекинат, истата може да се продолжи за толку денови колку што преостанале согласно деновите одобрени во решението.

Ако осигуреното лице ја прекине специјализираната медицинска рехабилитација ќе има право, по завршувањето на времената мерка, да ја продолжи истата за онолку денови колку што преостанале согласно решението.

Напомена

• Препорака на Фондот за сите осигуреници, во прва инстанца, наместо да дојдат во подрачните или централната служба на Фондот, да се обратат по маил за било кои прашања на info@fzo.org.mk, како и за прашања поврзани со лекови на farmaci-ja@fzo.org.mk

• Правата од здравственото осигурување не застаруваат за 5 години. Поради тоа Фондот апелира осигурените лица за време на важење на мерките не треба да го загрозуваат своето здравје како и здравјето на другите граѓани, со доаѓање во просториите на подрачните служби и централната служба на Фондот. Исклучок претставува регулирање на здравственото осигурување, доколку истото не може да се заврши по електронски пат, или кога се работи за итни и неодложни потреби како што е поведување на постапка за лекување во странство.

• Препорака на Фондот за сите здравствени установи, во прва инстанца, наместо да дојдат во подрачните или централната служба на Фондот, да се обратат по маил за било кои прашања на zuinfo@fzo.org.mk