23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Директорката на Клиниката за кожни болести заразена со коронавирус

Директорката на Клиниката за кожни болести е заразена со коронавирус. Таа пред една недела се вратила од Италија и една недела одела на работа. Министерот за здравство, Венко Филипче, изрази огромна разочараност поради непочитување на апелот за самоизолација по пристигнување од ризичен регион.

„Доцна синоќа беше дијагностицирана пациентка позитивна на коронавирус, претпладнево се сместува на клиниката за Инфективни болести. Нејзината состојба како и на двајцата сопружници е стабилна, има лесна клиничка форма, додека состојбата на првозаразената е целосно стабилизирана. Станува збор за наша колешка, лекарка“, рече Филипче.

Тој кажа дека е огромно разочарувањето поради тоа што не се почитуваат препораките за автоизолација во период од 14 дена по пристигнување од ризични региони.

„Секојдневните апели за самоизолација мора да се сфатат сериозно. Не можеме да ги затвориме границите, ниту една европска земја го нема направено тоа“, кажа министерот.

Филипче кажа дека можно е денеска одделот каде што работела докторката да биде целосно затворен. Според проценка на епидемиолозите можно е сите вработени и пацинети да се испратат во домашна изолација, а сите прегледи ќе бидат насочени кон други јавни здравствени установи.

„Добро е што колешката во изминатата недела немала ден во амбуланта па немала контакт со пациенти од надвор“, рече Филипче.

Бројот на заразени со коронавирус во државата е четири. На првозаразената пациентка во текот на денешниот или утрешниот ден ќе ѝ биде направен контролен тест за да се утврди дали ќе биде пуштена од болница. Утре завршува и 14-дневниот карантин на сопатниците и на возачот од комбето со кое патувала првата пациентка.

Филипче уште еднаш потенцира дека секој кој доаѓа од ризичен период и да нема симптоми при доаѓање во земјата мора да остане во автоизолација 14 дена.