23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Митрески: Обезбедуваме прочистување на судството, ред, правда и дисциплина, одговорност ќе има

Прес-конференција, Јован Митрески, пратеник на СДСМ – интегрален текст:

 

СДСМ е решена да обезбеди правда за сите.

Таа определба беше основа на нашата изборна програма во 2016-тата и сега конечно сме на вистинскиот пат да ги воспоставиме принципите на владеење на правото.

Ние во СДСМ, и како политичка партија, и како идеолошки концепт, не отстапуваме од целта која си ја поставивме со граѓаните – тоа е држава која гарантира независен правосуден систем и преземање одговорност за сите кривични дела низ законита судска постапка. Со еден збор – правната држава ни е прв приоритет.

Ред, правда и дисциплина се основите на кои почива секоја правна и функционална држава. Така ќе биде и во Република Северна Македонија.

После формирањето на новата Влада, преземеме низа мерки во контекст на надлежностите на извршната и законодавната власт за уште еднаш да се увериме дека патот на судиите и јавните обвинители кон правдата и кон независното постапување е целосно отворен.

Судиите и обвинителите имаат обврска да испорачаат правда и конечно да почне да се применува законот за сите подеднакво.

Законот за Јавно обвинителство гарантира дека политиката не може да интервенира во судските одлуки и дека сите предмети од висок криминал и корупција ќе имаат завршница.

Следува процес на целосно прочистување на правосудството:

Судиите кои намерно ќе застарат предмети, како што имаме случаи во Врховниот суд, по автоматизам ќе бидат разрешувани. Предметите ќе се следат електронски, а ако се утврди дека некој во правосудството не постапувал ќе биде разрешен, а Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ќе имаат задача само да го верификуваат тоа.

Започнуваме со детална проверка на имотната состојба на сите судии и обвинители за да им се утврди потеклото на имотот.

Следува ревизија на 5 отсто од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор.

Нам ни се неопходни ред и дициплина во сите институции, затоа службите мора да се отчетни, транспарентни и чесни.

Почитувани,

За помалку од две години докажавме дека може да обезбедиме правичност и еднаквост, ќе обезбедиме и правда за сите.

СДСМ врти новата историска страница за државата, за граѓаните.

Нема да дозволиме криминалците од ВМРО ДПМНЕ да ни ја попречат европската перспектива.

Правда ќе има, одговорност за сите криминали ќе има!