Прес- конференција, Зоран Заев, претседател на СДСМ – интегрален текст:
Правда за сите!
Ова беше еден од темелите на Програмата за живот со која настапивме на изборите во 2016 година.
И тогаш и сега, неправдата беше и е нашиот најголем противник. Но ние, СДСМ, и како политичка партија, и како идеолошки концепт, не отстапуваме ни милиметар од целта која ја зацртавме заедно со вас граѓаните – тоа е држава која ни гарантира независен правосуден систем, утврдување и преземање одговорност за сите кривични дела низ законита судска постапка поткрепена со докази.
Ред, правда и дисциплина се основите на која почива секоја правна и способна држава. Така треба и мора да биде со Република Северна Македонија.
Затоа, веднаш после формирањето на новата Влада, ќе повлечеме неколку конкретни чекори во рамки на надлежностите на извршната и законодавната власт, за уште еднаш да се увериме дека патот на судиите и јавните обвинители кон правдата и кон независното постапување е отворен и дека тие ќе мора да постапуваат.
Судиите и обвинителите имаат обврска да испорачаат правда и конечно да почне да се применува законот за сите подеднакво. Законот за Јавно обвинителство гарантира дека политиката не може да интервенира во судските одлуки и дека сите предмети од висок криминал и корупција ќе имаат завршница.
Затоа никој веќе нема да има право да одложува – граѓаните и државата не сакаат да имаат и нема да имаат узурпирано и партиски контролирано правосудство на патот кон Европа.
Следува процес на целосно и темелно прочистување на правосудството:
Судиите кои намерно ќе застарат предмети, како што имаме случаи во Врховниот суд, по автоматизам ќе бидат разрешувани. Предметите ќе се следат електронски, па ако се утврди дека некој во правосудството не постапувал со цел да застари предметот, алармот ќе се уклучи и тој судија или обвинител ќе биде разрешен по автоматизам. Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ќе имаат задача тоа само да го верификуваат.
Започнуваме со детална проверка на имотната состојба на сите судии и обвинители.
Следува ревизија на 5 отсто од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор.
Нам ни се неопходни ред и дициплина во сите институции, затоа службите мора да се отчетни, транспарентни и чесни. Воведуваме законска обврска за јавна објава на трошоците на сите функционери во централната, локалната, но и судската власт.
Алатката за отчетност за трошоци на функционерите со закон ќе ја направиме да биде задолжителна и за градоначалниците, и за пратениците, и за судската власт – се покажа дека отчетноста ги тера функционерите да штедат, а тие пари одат кај граѓаните.
Тие што во име на граѓаните водат институции, мора да се отчетни, транспарентни и чесни.
Ќе ги укинеме патните трошоци за пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.
За да го слушнеме гласот на граѓаните во заедничката борба против криминалот и корупцијата ќе има награди за сите оние чија пријава ќе биде основана за отворање предмет.
Дополнително, ќе воведеме електронско следење на предметите кои произлегуваат од преставки за корупција.
Согласно принципите на СДСМ за отвореност кон граѓаните секоја институција ќе има обврска 4 пати во годината да организира отворен ден за граѓаните, за предлози, идеи и критики.
Секоја служба односно институција, ќе биде задолжена во рок од три дена да одговори на секое барање или прашање на граѓаните. Со оваа непосредна комуникација заеднички ќе застанеме во остварување на нашите идеали за правда.
На крајот, ќе ја намалиме јавната администрација за 20 отсто, за да симнеме дел од финансискиот товар и за да направиме поефикасен јавен сектор во служба на граѓаните.
Во администрација ќе работат тие што се спремни да им служат на граѓаните, за другите има место во приватниот сектор каде се бара работник повеќе.
Почитувани,
Довербата во судството со години беше поткопувана од повеќе страни.
Не е лесно враќањето на владеењето на правото и правната држава, но уверен сум дека сме на правиот пат и знам дека нема отстапување. Сега кога ја создаваме европската иднина на државата, нема да се откажеме од поривот за правда и правичност за сите подеднакво.
Убедени сме дека граѓаните прават јасна разлика меѓу нас кои сме за правда и правичност и оние кои се за амнестија на криминалците и обнова на криминалниот режим.
И Европската Унија ја направи таа разлика. Во нивниот извештај се вели дека “направивме значителен напредок при обезбедувањето на незавиноста на судството”.
Единствено Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски не се согласуваат со овие заклучоци. Сите знаеме зошто.
Затоа, убедени сме дека таа разлика убедливо ќе се потврди и на 12 април.
На 12 април граѓаните ќе потврдат дека се за ред, дисциплина и правда и јасно ќе порачаат: режим никогаш повеќе, монтирани случи никогаш повеќе… Сваровски судство – никогаш повеќе!