28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Тутунски комбинат Прилеп за првпат по децении во добивка, прокнижени 39,2 милиони денари плус за 2019та година

Над 39 милиони денари добивка за Тутунски комбинат од Прилеп покажа завршната сметка на компанијата. Ова е успех на компанијата којашто по петгодишно партнерство со Филип Морис Интернационал во заедничката компанија ПМТКП успеа да излезе од листата на загубари. Позитивните резултати на компанијата се должат на зголемената ефикасност и модернизација на компанијата.

“Успеавме да покажеме дека со план и со добра стратегија возможни се одлични резултати. Оперативната добивка за минатата година се должи на успешно спроведена систематизација на работни места, но и поради големиот број на инвестиции за зголемување на енергетската ефикасност коишто значително ги намалија трошоците по основ на енергија во друштвото. Тоа пак ни овозможи да ги зголемиме месечните примања на вработените за 25%“, изјави Кирил Станкоски, генерален директор на ТКП.

Изминатите години следеше прво стабилизација на работењето на комбинатот, проследена со квалитативна трансформација на производниот процес и модернизација на работењето овозможено од стратешкото партнерство со Филип Морис.

„Добрите перформанси нé донесоа до момент за почеток на производството на Marlboro Fine Touch со што успеавме да станеме позиционирани на мапата на производители на најпознатиот глобален бренд на Филип Морис. Откупот на тутунот помина беспрекорно, а квалитетот е неспорен. Одиме кон подобро и сме големи оптимисти и за оваа година”, додаде Станкоски.

Изминатите години Тутунски комбинат значително ја подобри инфраструктурата на производство со реновирање на производниот погон, подигнување на производствените стандарди и производство на нови квалитетни брендови. Во Тутунски комбинат Прилеп се произведуваат брендовите Marlboro Flavour Plus, Chesterfield 7.0, Marlboro Core 7.0 што придонесе за зголемена оперативност.