27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Детски додаток за 65.000 деца, гарантирана помош за 34.000 семејства, 777 социјални станови, 15% повеќе пари за лица со попреченост во новиот мандат

Прес-конференција, Зоран Заев, претседател на СДСМ – интегрален текст

 

Во скратен мандат од две и пол години покажавме дека македонското општество и нашите граѓани можат да бидат и солидарни и грижливи.

Градевме фер и праведно општество, а придобивките од тоа, денес ги чувствуваат стотици илјади граѓани.

Направивме пресврт и разлика, од општество во кое се гази врз достоинството на луѓето станавме општество во кое се помага на сиромашните и ранливите, држава која се стреми сите да имаат и уживаат еднакви права.

Но, знаеме и убедени сме дека можеме уште повеќе и уште подобро.

Продолжуваме да се грижиме за оние на кои им е потребна помош, за сиромашните, ранливите – продолжуваме да вложуваме во луѓето – не во спомениците.

До крајот на следниот мандат, социјалната помош која сега е поголема за 300%, ќе се прошири и ќе ја примаат 34.000 домаќинства како гарантирана минимална помош, а 65.000 деца ќе примаат детски додаток.

Вложуваме во најмладите, во нивниот развој и во нивното знаење.

Затоа, до 2024 година, со предучилишно образование ќе опфатиме 60% од децата на возраст од 3 до 6 години.

10.000 деца ќе добијат современи услови за квалитетен раст и развој.

Ќе ги ослободиме од плаќање партиципација за градинка сите деца од семејствата со ниски приходи.

На најранливите семејства мораме да им помогнеме, да имаат сигурен дом, свое место каде го развиваат своето семејство.

Затоа, во следниот мандат ќе изградиме 777 социјални станови за најранливите семејства но и за млади брачни парови.

Финансиските средства за преквалификација, тренинг и проактивно едуцирање со цел полесно наоѓање на вработување ќе ги зголемиме за 30%.

Градиме систем кој овозможува надминување на пречките на лицата со попреченост. Согласно новата програма, додатоците за сите права за попреченост ги зголемуваме за 15% во 2021 година. Дополнително, ја намалуваме границата за користење на правото за попреченост од 26 на 18 години, односно досега овие права ги користеа граѓаните со попреченост со над 26 години старост, а во иднина ќе се користат откако ќе навршат 18 години.

Се обврзуваме, до 2024 година да нема да има ниту една јавна институција без пристапна рампа на својот влез.

Обезбедуваме голема помош и поддршка и за највозрасните наши граѓани.

Ќе отвориме три домови за стари лица во Скопје, Кочани и Пробиштип.

10 нови центри за активно и здраво стареење и услуга за помош и нега во домот во 65 општини.

Грижата за работниците и унапредувањето на работничките права продолжува.

Следува построга, темелна и редовна контрола на работното време и на работничките права.

Недела да биде неработен ден за сите кои сакаат да бидат со своите семејства.

Минималната плата ја качуваме до 18.000 денари до крајот на мандатот, затоа што секој заслужува соодветно да му се цени трудот на работното место.

Почитувани,

Ова се само дел од мерките што ја потврдуваат нашата грижа за сите.

Нема напредок во едно општество ако нема вистинска грижа за сите. Затоа грижата за сите продолжува. И за младите, и за повозрасните, и за жените и за ранливите категории.

Градиме фер и праведно општество кое се темели на принципи и вредности и еднаква грижа.

Само такво општество може да води кон напредок, кон интеграција кон подобро утре за сите.