26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Во септември и октомври се очекуваат првите чартери на релација Софија-Охрид

Веќе подолг период сме во преговори за поврзување на Северна Македонија и Бугарија, а оваа година за септември и октомври се очекуваат првите чартери на релација Софија-Охрид, најави директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот од 13 до 15 февруари ќе ја презентира туристичката понуда заедно со дванаесет ко-егзибитори на најголемиот настан во туристичката индустрија во Бугарија, кој се организира по 37. пат -Holiday & Spa Expo.

„Бугарскиот туристички пазар е еден од најзначајните за туристичкото стопанство на Северна Македонија. Профилот на туристи од Бугарија кои патуваат во нашата земја вклучува посетители чија старосна граница е околу 35-45 години, патуваат организирано (фамилијарни посети), а го посетуваат Охрид, Скопје, Струмица, Делчево, Крива Паланка. Најчесто патуваат за одмор и еднодневни екскурзии во источниот регион на нашата земја, гастрономско уживање, посета на манифестации и верски туризам”, изјави Јаневски.

Промоцијата на македонските туристички дестинации на бугарскиот пазар се очекува да го зголеми бројот на туристи од Бугарија, кој изнесува 7 отсто раст кај туристите и 5 проценти зголемување на ноќевањата во 2019 година. Целта за 2020 година е раст на странските туристи од 5-7 проценти, остварени ноќевања со раст од 10 проценти, односно 1,3 милиони туристи, што поблиску до 4 милиони ноќевања и 420 милиони девизен прилив од туризмот.

Согласно последните статистички податоци во периодот јануари – декември 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 5.1 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 1.9 %, а кај странските има зголемување за 7.1 %.

Во периодот јануари – декември 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на ноќевањата е зголемен за 2.7 %, и тоа: бројот на ноќевањата на домашните туристи остана на исто ниво, а кај странските има зголемување за 5.8 %/Makfax