25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Законот за ЈО нема да донесе амнестија за инволвираните во „Рекет“

Откако на Христијан Мицкоски му пропаднаа сите обиди, преку опструкции, да не се донесе Законот за Јавното обвинителство, со цел да ги заштити криминалците од неговата партија да одговараат пред судот, а со тоа да ја подобри и својата изборната позиција, сега тој пред јавноста упорно повторува дека Законот носи скриена амнестија. А, со тоа и амнестирање на делото „Рекет“, па дури и на експремиерот Зоран Заев како инволвиран во случајот.

Но, дали навистина постои вмешаност на Заев или тоа е содржано само во јавните настапи на ВМРО-ДПМНЕ со цел да имаат причина со која ќе се правдаат зошто не го гласаат законот?, пишува НОВА ТВ.

СМС комуникацијата помеѓу Заев и првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски, што беше презентирана во судница во процесот е своевидно продолжение на исказот на сведокот Орце Камчев, кој директно е учесник во предавањето на парите на Боки 13 со намера да поткупи обвинителски структури кои ќе му го олеснат предметот „Империја“ во кој, заедно со екс директорот на УБК, Сашо Мијалков и уште неколкумина други се гонат за милионски финансиски криминал.

Имено, во телефонските пораки, Заев го известува Боки 13 дека не може да го прими на состанок и дека кривичното дело на Јовановски е толку сериозно што Заев, како тогашен премиер кога се одвивала комуникацијата, бил згрозен од доказите во случајот, па дури и му пишал на Бојан дека ова е сериозно досие на обвинителството.

Претходно, кога Камчев имаше свое излагање во случајот потврди дека се сретнал со Заев и дека лично премиерот инсистирал случајот да се пријави во Јавното обвинителство, што и било направено. Значи постојат најмалку два доказа кои му одат во прилог на Заев во случајот „Рекет“ – смс пораките од телефонот на Боки 13 и исказот на Камчев. И како трето – случајот „Рекет 2“, во кој е обвинета и екс партиската функционерка, Фросина Ременски.

Сето ова упатува на дилемата како СДСМ, преку Законот за јавно обвинителство, сака да има амнестија за случајот „Рекет“ – теза што ја застапува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Дали оваа теза е лажење на македонските граѓани и загрозување на правниот поредок на државата или ВМРО-ДПМНЕ навистина верува во ова? – Како може да амнестирате некој од нешто, ако претходно за истото нешто тој некој пријавил и веќе има две обвиненија со обвинети и со докази.