„Во сите реформи што ги правиме никогаш не сме ги вклучиле нашите ученици и што тие мислат за одредено прашање. Ние не го користиме нивниот потенцијал и затоа мораме да го менуваме концептот на образованието. Денес е поважно како децата тоа што ќе го научат да го применат во пракса. Училиштето е место каде што треба да научат критички да размислуваат. Нашата мисија е како да ги направиме одговорни личности спремни за комуникација, соработка, тимска работа“- е погледот кон образованието на Наде Молеровиќ, директор на ОУ „Гоце Делчев“ во општина Центар.
Нејзините сугестии беа кажани на трибината на СДСМ во рамките на „Агенда 20-24“, посветена на образованието. Преку овие трибини СДСМ ја пишува својата изборна програма, а вечерва имаше голем број конструктивни предлози на просветните работници.
Даниела Николова, професорка во Гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ од Скопје ги поздрави сите мерки на СДСМ кои се преземаат во изминатите две години со цел да се подобри системот, особено со зголемување на платите од 21 отсто и со отворањето на можноста поголем број фактори да се вклучат во реформите, а не тоа да биде само политиката.
„Очекувам СДСМ да остане на програмските определби. Приоритетно е да се донесе Законот за средно образование, а со тоа да се намали административната работа на наставниците за да се занимаваат со креативниот дел од професијата.
Науките напредуваат, истражувањата откриваат нови аспекти, но ние со децении сме заглавени во програмите и затоа мораме да ги ревидираме. Се среќаваме со учебници со содржина соодветна за конзервативни општества и тоа мораме да го менуваме“- изјави Николова.
Од аспект на високото образование говореше Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност при УКЛО во Скопје чии препораки, исто така беа во прилог на подобрување на образованието.
„Новата Влада мора итно да прими 100 асистенти на универзитетите. Ако не го отвориме тој простор и не покажеме дека младите ќе ги направиме дел од образовниот процес тие ќе си заминуваат надвор. Да престанеме да го третираме образованието како социјална категорија. Ако ги градиме образовните институции и преку нив создадеме квалитетни кадри, потоа тие кадри ќе ја градат државата. Се е поврзано и затоа ни требаат нови, квалитетни програми. Мораме да дојдеме во фазата кога студентите ќе ни бидат партнери во создавањето на системот“- изјави Дујовски.
На крајот тој повика со ресорот образование да раководи министер од партијата која ќе освои најмногу пратенички мандати.