Младите лица до 23 години од денеска можат да аплицираат за младински додаток од 3.000 денари, во центрите на вработување.
„Со младинскиот додаток ги поттикнуваме младите лица да се вклучат на пазарот на труд. Мерката се однесува на млади до 23 години коишто имаат завршено најмалку средно образование и работат во производствена дејност или се индивидуални земјоделци. Ги повикувам сите млади да ја искористат можноста да го дополнат личниот буџет со 3.000 денари секој месец. Младинскиот додаток се исплатува на лична сметка на корисникот“, вели дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ.
Таа додава дека младинскиот додаток е дизајниран не само да ја зголеми младинската вработеност туку и да овозможи подобро платени работни места за младите луѓе.
За исплата на месечниот додаток од 3.000 денари за 2020 година предвидени се 160 милиони денари и се очекува да го примаат околу 4.000 лица.