Увид во изградбата на станбен објект наменет за социјално ранливи категории граѓани во Свети Николе изврши денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Зградата е со вкупно 48 станбени единици, а рокот на изградба е 18 месеци. Таа е наменета за лица од социјален ризик согласно Законот за социјална заштита.
„Почнавме со изградба на нова социјална зграда со вкупно 48 станови, со која верувам дека ќе овозможиме пристоен дом на социјално ранливите лица на кои станбеното прашање им е најголем проблем. Планираме и побрзо да биде изградена зградата, за да може што побрзо да бидат распределени на лица кои согласно законот им следува тоа“, рече министерот.
Тој потенцираше дека отпочната е изградба на 36 станови и во Виница, исто така за социјално ранливи категории, а континуирано тече изгардбата на социјалните згради и во Пробиштип и во Неготино.