Премиерот Оливер Спасовски и министерот за економија Крешник Бектеши денеска одржаа прес-конференција по повод потпишувањето на договорите за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од обновливи извори. Станува збор за поддршка на изградба на фотоволтаични централи на државно земјиште во Свети Николе и Македонски Брод на 11 парцели од страна на девет фирми кои ги задоволија критериумите на претходно објавениот јавен повик.
Спасовски истакна дека една од најтемелните и најефикасни реформи, од огромно значење за граѓаните и за бизнис-заедницата, е реформата во енергетскиот сектор.
„Според Европската енергетска заедница, нашата земја е регионален шампион за реформи во енергетиката. Со новиот Закон за енергетика и со големиот број инвестиции во обновливи извори на енергија и во гасификацијата, Владата го стабилизираше вртоглавиот раст на цената на струјата“, рече премиерот Спасовски.
Тој додаде дека споредено со времето на претходната влада, кога цената на струјата порасна за 100%, денеска граѓаните плаќаат најниска просечна цена за киловат/час во регионот, подвлекувајќи некои аспекти од Стратегија за енергетика на Владата на Северна Македонија.
„Eдна од главните цели на енергетската политика е поттикнувањето и поддршката на приватни инвестиции за изградба на енергетски објекти со обновливи извори на енергија. Тоа е инвестирање во зелена енергија за значаен придонес во заштитата на животната средина и за ублажување на климатските промени“, подвлече Спасовски.
Премиерот истакна дека на сосема конкурентен начин, без никаков трошок и товар врз цената на електричната енергија, ќе се изградат новите фотоволтаични електрани со вкупна моќност од 35 мегавати. Со потпишувањето на договори со 9 компании што ги исполнија условите се затвора првиот јавен оглас на кој беа пристигнати вкупно 82 понуди.
„Пресврт се случи и во самата тендерска постапка. Во поголемиот дел на спроведените аукции за парцелите предвидени за инсталирање фотонапонски централи, инвеститорите не само што не бараа премиум туку се натпреваруваа да дадат повеќе пари за да се стекнат со право да инвестираат, со што се премина во позитивна аукција и во Буџетот на државата влегоа 2,7 милиони евра“, подвлече Спасовски.
Еднократниот надоместок кој инвеститорите го уплатија за добивање на овие локации е приближно 2.8 милиони евра.
На прес-конференцијата беше соопштено дека постапката за вториот јавен оглас за доделување договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на приватно земјиште е во тек и дека на овој оглас се примени вкупно 43 понуди.