Неодамнешните настани во врска со групата креирана преку „Телеграм“ на која размената на содржини вклучуваше и неовластено споделување фотографии и видеа од малолетни лица и млади девојки претставуваат аларм кој повикува да се спроведе поусогласена меѓусекторска акција за заштита на децата и младите од опасностите што ги предизвикува насилството преку интернет, сајбер-насилството и дигиталното вознемирување, предупреди УНИЦЕФ.
„Интернетот стана дел од животот на младите без оглед на нивото на нивни приходи. Според најновите податоци со кои располага Државниот завод за статистика, 100% од младите на возраст од 15 до 24 години во нашата земја користат интернет; 96% од нив го користат секој ден или речиси секој ден; 90% се дел од социјалните мрежи; 94% разменуваат пораки и 95% испраќаат содржина која самите ја креираат. Ова е далеку поголемо темпо на употреба на интернет во однос на другите возрасни групи.
И покрај тоа што интернетот носи многу придобивки, тој исто така носи зголемен ризик – како што се виде од неодамнешните настани – затоа што содржината ставена на интернет може брзо да допре до голем број луѓе и да остане пристапна онлајн на неопределено време. Насилството преку интернет, сајбер-насилството и дигиталното вознемирување заемно се потхрануваат и создаваат можност кај детето да се развијат и други штетни однесувања“, се вели во извештајот на организацијата.
УНИЦЕФ ги повикува надлежните да преземат поусогласена меѓусекторска акција за да ги заштитат децата и младите од насилство и од сајбер-насилство вклучувајќи:
Зголемена соработка меѓу секторите за здравство, образование и заштита за реализација на програма за ментално здравје на адолесцентите и програми за превенција од меѓугенерациско пренесување на насилството и негативните искуства, вклучувајќи програми за родители преку кои ќе се гради способноста на родителите отворено да зборуваат со децата и младите за развојот на адолесцентите вклучувајќи и разговори за безбедност при користење интернет.
Инвестирање во едукативни програми за безбедно користење интернет за деца и млади кои ќе опфатат повеќе содржини, а не само информации за заштита на податоци. Децата треба да бидат свесни и за придобивките и за ризиците од нивното ангажирање преку интернет, треба да знаат дека по својата природа интернет не е приватен и дека сè што се споделува останува постојано таму. Освен тоа, им треба вистинска поддршка која ќе спречи нивно вклучување во ризично однесување и ќе ги поттикне да се однесуваат со почит едни кон други секаде, вклучувајќи и на интернет.
Инвестирање во подготвеност на училиштата да одговорат на траума и да обезбедат професионални услуги. Има потреба од професионална едукација која ќе ги подготви вработените во училиштата да ги забележат предупредувачките знаци на насилство и да одговорат соодветно на нив. Наставниците и психолозите во училиштата треба да имаат знаење како да водат отворен разговор со децата на теми поврзани со врсничко насилство, емотивна болка, анксиозност и самодоверба.
Јавноста и професионалците треба да знаат да препознаат дека децата се пред сè деца, мора да внимаваат да не ги понижуваат, да не ги етикетираат, виктимизираат и да не ги изложуваат на секундарна виктимизација. Во работата со сите деца мора да се раководиме според принципот на најдобар интерес на детето.
Во ноември 2019 Владата потпиша формална заложба за пристапување кон Глобалното партнерство за ставање крај на насилството врз децата. УНИЦЕФ ја повикува Владата да стави крај на сајбер-насилството како една од првите приоритетни акции за зајакнување на превенцијата, митигацијата и целен одговор на насилството врз децата.
УНИЦЕФ ги повикува медиумите кога известуваат за вакви и слични случаи да се воздржат од споделување слики во своите медиумски извештаи и ги поттикнува јавните лица и јавноста да се воздржат од прикажување на тие фотографии со цел да ги засилат своите пораки затоа што правејќи го тоа го зголемуваат протокот на овие лични фотографии./Makfax