24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Царовска: Идниот месец секој пензионер ќе добие за 700 денари повисока пензија


Јануарската пензија што ќе биде исплатена во февруари ќе биде 700 денари повисока за секој пензионер. Ова го изјави вицепремиерката Мила Царовска, која заедно со дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, заменик-директорот на ПИО Илија Ивановски, претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери, Станка Трајкова, и градоначалникот Живко Гошаревски, денеска се сретнаа со пензионерите во Ресен.

Тема на разговор беше претстојното покачување на пензиите во политика и другите прашања поврзани со повозрасната популација.

„Со оваа одлука го зајакнуваме животниот стандард на пензионерите, а просечната пензија ќе изнесува 15.500 денари. Покачувањето на пензиите се прави плански со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем, но и кога имаме раст на економијата во државата“, истакна Царовска.

Системското решение предвидува дополниетлно зголемување на пензиите освен според растот на БДП, да може да се зголемуваат и според растот на платите.

Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, нагласи дека секој граѓанин има право на достоинствен живот и сите имаат право да уживаат во плодовите од она што го сработиле во животот. „Се инвестира во развој на услуги на локално ниво како што се помош и нега во домашни услови. Се работи на развој на центри за активно и здраво стареење на возрасни лица, кои ќе се користат за социјализација и дружење. Активно работиме на подобрување на услугите на центрите за социјална работа на локално ниво и ќе продолжиме да работиме напорно, затоа што секој заслужува достоинствен живот”, посочи заменик-министерка Шкријељ.

Заменик-директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување истакна дека пензиите и следниот месец ќе се исплаќаат без позајмици. „Приходите во Фондот се зголемуваат, а дефицитот е намален за 10%. Тоа е резултат на зголемената уплата на придонеси и зголемувањето на бројот на вработени во државата”, рече Ивановски.

Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова, истакна дека секој заслужува достоинствен живот и ова зголемување на пензиите ќе значи многу за пензионерите.