24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Претседателот на СДСМ Заев: Создаваме програма којашто е мозаик на вредности и ќе вгради дигитална и инвентивна економија

“Создаваме програма којашто е мозаик на вредности, како што е впрочем и нашето општеството. Програма којашто ќе вгради дигитална и инвентивна економија, како нов двигател во периодот што ни претстои”, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев во изјавата за медиуми што ја даде непосредно пред работниот состанок со претставници на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Претседателот Заев ја истана добрата соработка со Сојузот на стопански комори на Македонија и рече дека многу работи се исполнија во последниот период како долгогодишни стратешки определби на државата, кои даваат предвидливост и иднина на креирањето на плановите во секој сегмент на општеството, така и во, како што рече Заев, најважниот сегмент – економијата.

“Со Сојузот на стопански комори, како поранешен премиер имав многу често квалитетни состаноци. Како Влада овозможивме достапност, состаноци, разговори и решение на сериозно прашање, а тоа е одговор на 71 барања кои ги испорачавме во декември.

Дадовме одговор на 29 прашања кои се решени, за 29 од нив адресиравме кои се следните чекори за нивното решавање, а 13 од вкупно 71 се надлежност на други институции до кои истите директно ги адресиравме.

Со тоа покажуваме инклузивен процес од којшто сакаме да учиме, да вградиме елементи од практичарите, вие ја живеете економијата секој ден и колку повеќе растете во својот обем, ќе придонесеме за благосостојба на целото општество.

Ќе тежнееме да изградиме Национална економска стратегија за следните 10 години. Денеска зборуваме за следниот мандат од 4 години, но веруваме дека можеме и созреана е државата заедно да изградиме стратегија, со што би оствариле стабилност, предвидливост на нашата економија.

Создаваме програма којашто е мозаик на вредности, како што ни е општеството, којашто ќе вгради дигитална и инвентивна економија, како нов двигател во периодот што ни претстои”, рече претседателот Заев и додаде дека државата ги има решено големите политички прашања.

“Недвојбена е нашата интеграција во НАТО и ЕУ. Верувам дека периодот којшто доаѓа пред нас, без разлика како ќе определат граѓаните за да се движи државата, ќе биде период на сериозен економски предизвик и вистинска трансформација на институциите. Интеграциите треба да донесат бенефит, сериозна помош и поддршка од европски фондови и НАТО интеграциите. Треба да се посветиме на трансформација на општеството, да го менуваме односот поединечно како луѓе, да се европеизираме во делот на вредностите.

Решавањето на проблемот со Грција и Бугарија, и градењето на интер етничка кохезија внатре во државата и интеграциите, сето тоа е заради подобар економски стандард. Тоа возможно ако имаат подобра перспектива нашите економски субјекти, предвидливост, поголема профитабилност.

Верувам дека државата како што е финансиски стабилна, економски ликвидна може да биде сериозен поддржувач и понатаму. За прв пат отворивме можности преку 70 милиони евра се даваат како директна поддршка на домашните компании”, подвлече претседателот Заев и најави дека во иднина поддршката ќе биде многу зголемена преку европските фондови, со што Самитот во мај е токму заради економска стратегиска поддршка на Западниот Балкан преку 14 милијарди евра за следниот седумгодишен период.