23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сугарески: Два милиони евра за општина Велес за капитални проекти

За општина Велес со новиот проект за локални патишта имаме предвидено 1,2 милиони евра, дополнително работиме на подобрување на комуналната инфраструктура низ градот со преку 600 илјади евра, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешната посета на општина Велес.

Министерот Сугарески заедно со градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски, денеска извршија увид во реконструкција на водоводини и канализациски линии во градот.

„Годинава ја започнуваме со проекти таму каде што е најпотребно, а тоа е подобрување на комуналната инфраструктура во општините. Во моментов работиме на преку триесетина проекти за изградба и реконструкција на водоводи и канализации низ општините, преку 10 милиони евра ќе инвестираме само оваа година или во подготовка сме на нови 40 проекти што ќе ги работиме оваа низ различни општини. Конкретно за Велес, инвестираме преку 620 илјади евра за овој проект каде ќе се реконструираат водоводи и канализации на преку десетина улици низ градот или реконструција на водоводна мрежа со вкупна должина од околу 4 км и канализациска мрежа во должина од околу 300 метри“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој додаде дека во рамките на проектот за локални патишта, општина Велес има на располагање 1 милиони и 200 илјади евра така да во рамките на овие средства ќе можат да се реализираат проекти за подобрување на урбаното живеење. Исто така, министерот Сугарески упати апел до сите градоначалници што поскоро да достават готови проекти до Министерството, за да може што побрзо да ги користат средствата што се на располагање за подобрување на условите за живеење по општините.

Градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски, истака дека ова е многу корисен проект за велешани бидејќи се работи на реконструкција на стари водоводни линии.

„Се работи за стари азбестни линии кои создаваа многу проблеми на граѓаните во водноснабдувањето и често имаше дефекти. Со овој проект ќе се подобри протокот на вода, а од друга страна ќе се деблокира асфалтирањето на улиците каде се прави реконструкцијата. Ова ќе биде убедливо најуспешната година на инвестициски план на општина Велес со што ќе го подобриме квалитетот на живеење. Доколку ни дозволат временските услови, континуирано ќе работиме улица по улица за што поскоро да го завршиме овој проект“, изјави градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски.