24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тимоние на прием кај Спасовски: Правдата да важи еднакво за сите и да нема застарување случаи

Премиерот Оливер Спасовски денеска оствари средба со францускиот амбасадор во земјата, Кристијан Тимоние, кој му упати честитки на Спасовски поради назначувањето на чело на техничката Влада.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата било заеднички посочено како важно функционирањето на правдата, односно таа да важи еднакво за сите и да нема застарување случаи. Соговорниците изразиле и согласност дека Законот за Јавното обвинителство е од голема важност во правосудните реформи.

Тимоние изразил надеж дека преодната Влада ќе се фокусира на обезбедување фер и демократски избори, како и очекување дека ќе продолжат реформските процеси со активно темпо.

Спасовски порачал дека владата продолжува со напредокот во сите можни сегменти.

„Нашата определба се функционални институции, активно вклучени во реформските процеси, во интерес на сите граѓани и на интеграциските процеси на државата. Општите и државните интереси мора да бидат во прв план кај сите политички субјекти. 2020 година е значајна година за граѓаните поради остварувањето на полноправното членство во НАТО, но еднакво важни за нас се и европските интеграции. Очекуваме дека 2020 година ќе го направиме најдоброто во пријателството помеѓу нашите две држави и дека тоа ќе функционира на високо ниво“, рекол премиерот.

На состанокот било констатирано дека Република Северна Македонија многу постигнала на домашен и на меѓународен план и дека се движи во вистинската насока во однос на интеграциите.