Интегрален текст од изјава за медиуми на Цветан Трипуновски, дополнителен заменик министер на МЗШВ
Почитувани,
Нема поголема одговорност од таа да се служи на граѓаните и да се работи за Република Македонија, особено во време кога државата стагнира, кога назадува и кога е во слепа улица заради сите штетни и погрешни политики.
За жал Македонија денес има криминализирано општество, преполно со корупција, недоследности и неправди.
Да бидеме искрени, оваа техничка влада не е влада која што ќе направи чуда ниту пак ќе може да ги реши проблемите напластени со години на стагнација, но јас и моите колеги до мене ветуваме беспоштедна работа со која што ќе обезбедиме волјата на граѓаните да биде изразена во слободни и фер избори.
Оваа техничка влада има за број еден цел да ја заштити волјата на граѓаните и да овозможи заштита на нивните права и слободи.
Денес Зоран Заев повеќе не е премиер, но неговата оставштина на погрешни чекори и политики сеуште владее во земјава. Добрата вест е што секој еден граѓанин во секој еден од нас може да најде заштитник и борец за неговите права и интереси.
Заев е поразен, но неговиот систем треба да се порази на избори. Воедно реалноста говори дека во овие моменти се врши масовна партизација во администрацијата, а непотизмот се шири како зараза низ Република Македонија. Илјадници решенија за прераспределба се испечатени во Министерството за внатрешни работи. Деградирани се професионалци на сметка на партиски и политички решенија.
Наместо професионализација, се прави груба и безобразна партизација. А, Македонија нема повеќе години за трошење на истите работи кои како камен околу вратот и тежат и ја влечат надоле.
Потребна е итна борба против криминалот и галопирачката корупција. Мора да престанат притисоците врз земјоделците, да се пресретнат информациите на отворено корумпирање на власта врз гласачите.
Потребна е борба против кои се загрозуваат ранливите категории граѓани, борба против безредието и хаосот кој што владее, борба против оние кои поради профитерски причини се во политиката.
Од денес влегуваме во институциите, и ќе работиме на постигнување на стандарди, за да обезбедиме заштита на волјата на народот и да биде кажана на фер и слободни избори. После 12-ти април доаѓа вистинската обнова во Република Македонија.