26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Зибери: Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ води кон прашањето дали сакаат да го блокираат изборниот процес

Обид за пролонгирање на изборите и противуставно кадровско решение. Вака аналитичарите го коментираат предлогот на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за технички министер за внатрешни работи. Правникот и поранешен пратеник, Насер Зибери во изјава за Локално вели дека кадровското решение е противуставно, но се сомнева дека не може да е пропуст, односно дека Мицкоски свесно оди кон блокада на изборите.

„Упорни се за предвремени избори, но предлогот води кон прашањето дали сакаат да го блокираат изборниот процес. Прашањето дали е уставен предлогот е затворено и нема простор за дебата. При толкав кадар што го има ВМРО-ДПМНЕ, не треба да инсистира на тоа решение. Предлогот е спротивен на Уставот, човекот е полковник по чин, сакаат да направат преседан“, истакнува Зибери.

Според Уставната судијка, Маргарита Цаца Николовска, Уставот е јасен во членот 97, каде е наведено дека со Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи треба да раководи цивил, односно лице кое било цивил во последните три години пред изборот.

„Не знам како може да се размислува дека човек кој не е цивил може да биде кадар согласно уставот. Може да зборуваме за одредени закони, дали имаат проблеми, но се знае како се менуваат закони да бидат согласно Уставот и како се менува Уставот ако има некаков проблем. Јас не можам да прифатам преседани кои се неуставни, тие се спротивни на владеењето на правото. Заложбата на државните органи е приципот владеење на право да функционира и во пракса. Европскиот суд за човекови права вели дека мора и во пракса да има резултати“, рече Цаца Николовска во изјава за Локално.

Дека кандидатот на опозицискиот лидер е неуставен, вчера во изјава за Локално потврди и лидерот на Демократскиот сојуз и поранешен министер за внатрешни работи, Павле Трајанов.

„Членот 97 од Уставот е јасен, не може лице кое е припадник на полицијата или Армијата да раководи со МВР, односно треба најмалку три години да биде цивил. Тој командува во униформа и е активен, значи постојат уставни пречки и не можат партиите да постапуваат спротивно на Уставот. Се повикуваат на некои преседани, но сепак никој од униформираната полицијата не станал министер во МВР. До сега немало таков преседан, тие преседани се усогласувани, има мислење од професори по сутавно право, дека ако не е униформирано лице може да биде министер, бидејќи сепак се работи за друга структура. Инаку подолго време ВМРО-ДПМНЕ регруитра кадри од АРМ и ги регрутира во МВР. Тоа е милитаризација на МВР и може да имаме проблеми во идната интеграција и на Армијата и на полицијата. Од тој аспект, не треба да раководат лица од АРМ, зошто е јасно дека правеле злоупотреби“, истакна Трајанов.

Вчера и владејачката СДСМ излезе со став дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба да избере друг кадар, кој би бил во согласност со Уставот. Мицкоски пак, одбивањето на кадарот кој го предложил на лидерските средби со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а е полковник во македонската Армија, го смета како страв на власта од квалитетен кадар.