28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ОКТА донираше опрема во Општата болница во Куманово

Компанијата ОКТА донираше вредна медицинска опрема на одделот за гинекологија и акушерство во Општата болница во Куманово. Донацијата се состои од стерилизатор за медицински инструменти, две инфузиски пумпи наменети за претпородилната и породилната сала и гинеколошки кревет за прегледи за амбулантата на одделот. Со оваа донација ОКТА ја продолжува својата општествено – одговорна мисија за подобрување на состојбите во здравствениот сектор.

“Како и претходните години, продолжуваме со праксата средствата предвидени за корпоративни подароци за Нова Година да ги пренамениме за нешто што сметаме дека е од многу поголемо значење и важност за граѓаните и за заедницата. Верувам дека со оваа донација на модерна медицинска опрема ќе придонесеме значително да се подобрат условите на одделот за гинекологија и акушерство во Општата болница во Куманово. ОКТА, како општествено одговорна компанија, и во иднина останува посветена на заложбата да вложува во заедницата и да ја даде својата поддршка во сегментите во кои има најголема потреба“, изјави Јанис Геруланос, Главен извршен директор на ОКТА.

Во посета на болницата беше и министерот за здравство, д-р Венко Филипче. Според него, донацијата на ОКТА е уште еден чекор кон подобрување на состојбите во здравството во државата.

“Првиот апарат кој денеска се донира е гинеколошки кревет за испитување, кој е предвиден да се користи во просторијата за брза помош каде жените пристигнуваат и добиваат прва проверка за да утврдат дали треба да останат во болницата за породување или понатамошно лекување. Вториот апарат е стерилизатор и е еден од апаратите којшто е приоритетен за употреба за да може да се работи чисто и професионално. Апаратот ќе го замени стариот и дефектен стерилизатор на одделот во двете болници со цел да се спречат инфекции. Кумановската болница денеска доби и 2 инфузиони пумпи. Истите ќе бидат сместени во просторијата за породување со цел да им ги пружат лекарствата што им се потребни за време на породувањето, како на оние случаи со започнати контракции или општо за лекарствата кои може да им се потребни на пациентите кои пристигнуваат на дијагнози и терапии. Со овие нови апарати, значително ќе се подобрат условите за работа, како на здравствени работници, така и за здравствена заштита на пациентите“, изјави министерот, д-р Венко Филипче.

Донацијата е реализирана во консултација и соработка со глобалната здравствена и хуманитарна организација Project Hope, специјализирана и посветена на подобрување на функционирањето на здравствените системи низ целиот свет.

“Голема благодарност до ОКТА, за покажаниот интерес да ни се придружи во ПериМак програмата, чија цел е намалување на перинатална смртност во земјава, со донации на опрема, медицински потрошен материјал и обуки за лекари и медицински сестри. Донираната опрема во Општа Болница Куманово ќе ги подобри условите за пациентите, но и за медицинскиот персонал. Оваа програма Проект ХОПЕ успешно ја имплементира веќе три години во партнерство со Министерството за Здравство. До сега, во двете Болници во Скопје имаме значителни резултати на намалување на перинатална смртност. Се надеваме дека истиот успех ќе го постигнеме и во Болниците во Куманово и Тетово каде што токму со оваа донација и партнерството со ОКТА започнуваме со имплементацијата на оваа етапа од Проектот“, Емилија Дуковски, менаџер за развој и финансии во Project Hope Balkans.

Оваа донација е надоврзување на претходните активности на ОКТА за поддршка на здравствениот сектор. Претходно, како дел од својата кампања “Шанса за живот”, компанијата во повеќе наврати донираше инкубатори и друга медицинска опрема на Одделението за интензивна нега на Клиниката за детски болести во Скопје.