24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Јовески најави поединечно оценување на сите обвинители

Јавниот обвинител, Љубомир Јовески, најави поеднинечно оценување на работата на јавните обвинители преку систем за утврдување на резултатите на обвинителите.

„На овој начин ќе се евидентира работата и ќе се детектираат слабостите во работењето на секој јавен обвинител со единствена цел, зголемување на ефикасноста во постапувањето“, рече тој.

Во своето годишно обраќање, тој истакна дека 2019 е година во која се докажало дека Обвинителството самостојно работи и одлуките не се носат во нечии кабинети.

„Потребно е носење на нов закон за Јавно обвинителство, но тој мора да биде квалитетен и издржан. Подобро е да не се донесе закон, отколку да се донесе лош закон“, рече Јовески.

Во оваа година биле подобрени просторните услови на 11 основни јавни обвинителства, а од тие 11, три ќе добијат нови комплетно опремени простории. Јавниот обвинител се пофали дека за разлика од минатото, сега Обвинителството е потранспарентно и истакна дека за разлика од порано, сега се постапува и по сопствена иницијатива.

„Еден од принципите за кој особено инсистирам е транспарентноста. Имаме редовна и навремена комуникација со медиумите.Вие новинарите сте поддршка за нашата работа“, рече Јовески.

Според Јовески, доказ дека никој не е над законот се постапките покренати против јавен обвинител, судија, пратеник, службени и одговорни лица.

„Еден од големите предизвици беше опасноста предметите од СЈО да пропаднат, затоа донесовме одлука за преземање на овие предмети. ЈО од СЈО презема три предмети по кои е донесена правосилна пресуда, два предмети за кои е донесена првостепена пресуда, 20 предмети кои се во фаза на судење, 19 предмети по кои се спроведува истрага, 6 предмети кои се во предистражна постапка, 80 други предмети кои се однесуваат на предистражна постапка и дел по барање за воспоставување надлежност, 38 по кои се спроведува финансиска истрага и три предмети по вондредни правни лекови“, рече Јовески.