Во рамки на активностите за борба против недозволената трговија со дрога, во месеците ноември и декември 2019 година спроведена е меѓународна истрага со австриската и српската полиција во која се пресечени повеќе меѓународни канали и запленети се седумнаесеет килограми наркотична дрога хероин и пет килограми наркотична дрога кокаин, кои на нелегалниот пазар достигнуваат вредност од околу 1 000.000 евра . Притоа приведени се 12 лица, соопшти МВР.
Во ноември 2019 година од страна на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во координација на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во соработка со Министерството за внатрешни работи на Република Србија и австриската полиција започната е меѓународна истрага за откривање на организирана криминална група составена од македонски државјани кои вршеле продажба и транспорт на наркотична дрога хероин во регионот и во земјите од Западна Европа.
На 20.11.2019 во Долна Австрија – Р Австрија, од страна на австриската полиција лишени од слобода се двајца македонски државјани, С.Р. (27) и К.Џ. (58) при што во возило со македонски регистерски ознаки, во специјално направен бункер, пронајдени се пет килограми наркотична дрога хероин со многу висок квалитет.
Во рамките на меѓународната истрага на 03.12.2019 година во Унгарија на излез на граничниот премин Хоргош биле лишени од слобода македонските државјани Е.А. (48) од Скопје , нејзината керќа Ш. А. (21) од Скопје и Ш.И . (27) од Скопје , поради тоа што при претрес во џип мерцедес биле пронајдени пет килограми наркотична дрога кокаин во специјално направен бункер .
По преземени мерки и активности на австриската полиција исто така, на 06.12.2019 година во Виена-Р Австрија лишени од слобода се албанскиот државјанин Б.Т. (30) и македонскиот државјанин Б. Џ. (47) од Битола, кој привремено престојувал во Виена, при што е пронајдена пет килограми наркотична дрога хероин..
Меѓународната истрага продолжи со преземање на мерки и активности, при што на 26.12.2019, во Република Србија, во градовите Врање и Нови Сад, во заедничката и координирана акција на српската и македонската полиција, лишени се од слобода тројца македонски државјани и тоа Р. Ф. (48)од Тетово , А. С. (45) од Скопје и С. С. (47) од Куманово во обид да извршат продажба на наркотична дрога хероин на српски државјанин, која била сокриена во патнички автомобил во резервно тркало. Хероинот бил пакуван во 13 пакувања со вкупна тежина од седум килограми со многу висок квалитет.
Веднаш, по лишувањето од слобода и заплената на наркотичната дрога, од страна на Одделот за криминалистичка полиција, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за специјални полициски операции во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција започнати се претреси на две локации во Тетово, две во Скопје и една во Куманово, кај лица кои се дел од оваа криминална група. При претресите, лишени од слобода се двајца македонски државјани Х.Ф. (45) од Тетово и Ј.А. (48) од населба Синѓелиќ, кои се дел од организираната криминална група и пронајдени се парични средства кои потекнувааат од продажба на наркотична дрога, помала количина на наркотична дрога кокаин и една вага, како и многу докази со кои се потврдува нивната инволвираност во вршењето на кривичното дело недозволена трговија со наркотични дроги
По целосно комплетирање на доказите против лицата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.