Со покачувањето од 10 отсто од 1 јануари, вкупното покачување на платите во основното, средното, високото образование и во науката, ќе изнесува 20,6 отсто имајќи ги предвид претходните две покачувања за само една година два пати по 5 отсто. Претходната Влада за седум години обезбеди покачување на платите во образованието за само 850 денари. Ние за 2,5 години ги покачивме за 2.150 денари, рече премиерот, Зоран Заев, на потпишувањето на спогодбите за покачување на платите во образованието и науката меѓу Министерството за наука и образование и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура што денеска се одржа во Владата.
Тој истакна дека покачувањето на платите во образованието и науката, како и во секторите социјална заштита и здравство, доаѓа од определбата Буџетот за 2020 година да биде посветен на инвестициите во човечкиот капитал.
„Тоа е инвестиција за нашата иднина, за нашиот економски раст. Тоа е инвестиција и еден од начините за решавање на еден од нашите најголеми предизвици како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови и да ги направиме посреќни и помотивирани на нивните работни места. Оваа Влада одлучи да ја запре стагнацијата во вложувањето во луѓето во овие сектори. Ние го поттикнуваме инвестирањето во човечкиот капитал, и во оваа насока, во Буџетот за 2020, во функциите здравство, образование и социјална заштита инвестираме вкупно 154 милијарди денари. Тоа е зголемување од повеќе од 10 милијарди денари во споредба со ребалансот од 2019 година, односно последниот Буџет“, нагласи премиерот Заев.
Тој додаде дека вложувањето во образованието се прави затоа што идните сценарија за развој на нашето општество во политичкиот, социјалниот, културниот и економскиот сектор ќе зависат од придонесот на учениците во нашите училишта денес.
„Вложувањето во човечкиот капитал во образованието, во наставниците, професорите и научните работници е првиот чекор што го правиме. И нема да запреме тука, зашто првиот чекор, и секој нареден, е дел од амбицијата да создадеме образовен систем кој ќе биде генератор на нашиот општествен и економски развој“, рече премиерот.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, потенцираше дека наставниците се најважната алка во воспитно – образовниот систем, и дека од нив, од нивната мотивација за работа и задоволство од извршување на работните задачи најмногу зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат.
„Без мотивирани наставници нема напредок. Разочараноста, или пак, оптималното ниво на задоволство кај нив може да гарантира само механичко извршување на функцијата на образовниот систем во насока на сервирање на образовните услуги кон граѓаните, кои всушност ги наложува уставот и другите правни прописи во земјата, но не и нешто повеќе. Не и континуиран развој, не и создавање активни, креативни, критички настроени и иновативни генерации на ученици. Затоа го правиме ова. Затоа се заложивме да ги стимулираме преку обезбедување на тоа што навистина и го заслужуваат од државата“, истакна министерот Адеми.