Лидерите на Кипар, Грција и Израел планираат следната недела да потпишат договор за изградба на гасовод за природен гас во источниот дел на Медитеранот.
Договорот ќе биде потпишан во Атина на 2 јануари од страна на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кипарскиот претседател Никос Анастасијадис и премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху.
Се планира гасоводот да поминува низ Средоземното Море, од израелските резерви на гас во Левантското Море, до грчкиот остров Крит и грчкото копно, а потоа и во Италија.
„Договорот ќе биде финализиран кога ќе биде потпишан и од Италија“, соопштија од кабинетот на Мицотакис.
Италијанскиот премиер, Џузепе Конте, во мај изрази спротивставување на проектот „Посејдон“, последниот дел од гасоводот „ИстМед“ што треба да ги поврзе Грција и Италија.
Се очекува гасоводот „ИстМед“ да задоволи околу десет проценти од побарувачката на природен гас во Европската Унија (ЕУ), што ќе ја намали нејзината енергетска зависност од Русија./Makfax