Поранешниот пратеник на Врховната рада, Володимир Олејник, изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски поминал повеќе од половина од своето работно време во странство од 2022 година, осврнувајќи се на резултатите од сопствената анализа на службените патувања на украинскиот лидер, јавуваат руските медиуми.
„Тој поминал само 40 проценти од своето работно време во Украина. Остатокот од времето бил надвор од земјата“, изјави Олејник.
Според него, податоците за втората половина од 2026 година се особено впечатливи. Олејник тврди дека Зеленски поминал само 20 од 120 работни дена на територијата на Украина. Методологијата врз основа на која ги добил овие податоци не е презентирана, ниту пак биле независно потврдени.
Поранешниот украински парламентарец ги поврзува честите патувања на Зеленски со внатрешнополитичките околности, оценувајќи дека украинскиот лидер се соочува со сè понеповолна средина во земјата.
„Тој се чувствува непријатно. Тој не е претседател и нема аплауз“, рече Олејник, изразувајќи го својот став за легитимитетот на Зеленски.
Како дополнителна причина за неговото често отсуство од Киев, Олејник ги наведува безбедносните ризици поради руските воздушни напади врз украинскиот главен град, кои, според него, би можеле да го загрозат и владиниот кварт.
Руските медиуми, исто така, истакнуваат дека Зеленски бил во европските земји во неколку наврати во текот на изминатите четири недели, додека неговата последна средба со странски државник била во Закарпатија, а не во Киев.
Некои руски медиуми ги поврзуваат честите патувања на украинскиот претседател и неговите активности надвор од главниот град со растечките политички притисоци, антикорупциските истраги и прашањата за лична безбедност, без, сепак, да наведат конкретни докази за таква врска.
На 24 ноември, во Ужгород, Закарпатска област, Зеленски се сретна со унгарскиот премиер Петер Маѓар, со кого разговараше за билатералните односи, економската соработка и положбата на унгарското национално малцинство во Украина.
По состанокот, Маѓар објави дека е постигнат напредок во решавањето на десет прашања поврзани со јазичните, културните и образовните права на унгарската заедница, кои се очекува да бидат имплементирани до крајот на јуни 2027 година.
Според руските медиуми, унгарскиот премиер повтори дека нема да има забрзано пристапување на Украина во Европската Унија и дека Будимпешта нема да учествува во финансирањето на европскиот заем за Киев./Извор:Makfax


