Повеќе од 2.120 мигранти пристигнаа на Канарските Острови во текот на последните 24 часа, на преполни пловни објекти, соопшти шпанската служба за поморско спасување.
„Канарските Острови веќе не можат да се справат со ситуацијата. Соочени сме со миграциски притисок без преседан“, напиша Фернандо Клавихо, претседател на регионалната влада, на социјалната мрежа Икс.
„Не е праведно сами да се соочуваме со ова.“
Тој додаде дека побарал итен состанок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. „Овие луѓе пристигнуваат во Европа и не е праведно сами да мораме да се справуваме со криза од вакви размери“, изјави тој.
За време на опасното патување од Западна Африка, на еден од пловните објекти бил пронајден мртов мигрант, додека една мигрантка се породила додека биле на море, соопшти службата за поморско спасување.
Бројот на пристигнати лица во текот на еден ден го надмина претходниот рекорд од околу 1.500 мигранти, кој беше поставен пред само две недели.
Повеќето од пловните објекти пристигнаа на островот Ел Јеро – кој има население од околу 11.400 жители – а кој стана една од главните влезни точки во Европа за мигрантите што доаѓаат од Западна Африка.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, кој во недела се соочува со парламентарни избори, изјави дека на Европа ѝ е потребен сеопфатен пристап кон миграцијата, кој вклучува построги гранични контроли и соработка со властите во Сенегал и Гамбија./Извор:Makfax


