На Алсат телевизија гостуваше Драгана Бојковска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка, која истакна дека Буџетот за 2027 година става акцент на капиталните инвестиции, образованието и студентскиот стандард.
„Овој Буџет којшто е за 2027 година дава фокус на капиталните инвестиции, но дава и фокус многу на образованието, во овој Буџет се издвојуваат средства коишто значат конечно отпочнување на оној проект на зградите на Финки и на ФФК, и со овој Буџет имаме обезбедено средства за да се започне одредена фаза за отпочнување на овој проект. За наредната година имаме обезбедено средства за 30 целосно нови спортски сали во училиштата и за реконструкција на 30 постојни спортски сали, зголемени се средствата за студентскиот стандард, за стипендиите, го пуштивме во употреба со поддршка на Европската Унија студентскиот дом Стив Наумов, а веќе до јануари месец се очекува и отворањето на студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу, и обврска даваме со овој Буџет дека ќе отпочне реконструкцијата и на останатите државни студентски домови“, рече Бојковска.
Бојковска го оцени извештајот на Европската комисија како објективен приказ на напредокот на државата, посочувајќи ги образованието и дигитализацијата како области во кои е забележан напредок.
„Јас би го оценила извештајот на Европската комисија како еден објективен извештај за напредокот на нашата држава, и тоа треба да ни биде патоказ што сме направиле досега, каде можеме да се подобриме, но особено значајно е што немаме уназадување во ниту една област и во ниту едно поглавје, што значи дека не сме направиле апсолутно никаква штета, потенцирани се особено оној напредок којшто се однесува на образованието, на дигитализацијата“, децидна е Бојковска.


