СВР Штип, во координација со Одделот за криминалистичка полиција, поднесе кривична пријава против четири лица на возраст од 22, 24, 25 и 23 години, сите турски државјани со привремен престој во Штип. Тие се осомничени за обид за изнуда, додека за едно од лицата дополнително постои сомнение за предизвикување општа опасност.
Според полициските информации, две од пријавените лица кои веќе издржуваат затворска казна во КПУ „Идризово“, преку посредник, се обидувале да изнудат пари од турски државјанин. Во периодот од 9 до 17 ноември, преку телефонски контакти и непосредни средби, наводно му барале 100.000 евра, придружени со закани кон неговото семејство.
Откако оштетениот одбил да ја исплати побараната сума, осомничените, според пријавата, го намалиле барањето на 40.000 евра. Полицијата го документирала случајот и доставила кривична пријава. Наводите се предмет на понатамошна постапка, а одговорноста на пријавените лица треба да се утврди пред надлежниот суд.


