Мечка е забележана како се движи низ улиците на тетовското село Теарце, покажува видеоснимка од безбедносна камера што денеска беше објавена во медиумите. На видеото животното минува низ тесна уличка во населено место, без присуство на пешаци во непосредната близина.
Според временската ознака на камерата, снимката е направена на 16 ноември околу 1:20 часот по полноќ. Видеото било споделено на социјалните мрежи и предизвикало интерес кај жителите.
Не се објавени информации за повредени лица или причинета материјална штета. Доколку граѓаните забележат мечка во населено место, се препорачува да не ѝ се приближуваат и да ги известат надлежните служби, наместо сами да се обидуваат да го истераат животното.


