Владата на Србија официјално го раскина договорот со компанијата на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, за проектот што предвидуваше изградба на луксузен деловен и станбен комплекс на местото на поранешниот Генералштаб во центарот на Белград.
Министерката за градежништво Александра Софронијевиќ потврди дека договорот за раскинување е потпишан и дека договорните страни немаат меѓусебни побарувања. Со ова формално е завршена постапката за прекинување на соработката.
Проектот претходно предизвика контроверзии поради статусот на Генералштабот како културно наследство и сомнежите за неправилности во постапките. Компанијата на Кушнер претходно најави повлекување од инвестицијата.


