Полициски службеници во Делчево денеска спроведоа превентивни активности за заштита на повозрасните граѓани од телефонски измами. На градскиот пазар и на повеќе локации во центарот на градот биле одржани разговори со пензионери, на кои им биле објаснети најчестите начини на измама.
Полицијата посебно предупредила на телефонски повици во кои непознати лица лажно тврдат дека близок член на семејството доживеал сообраќајна несреќа или се наоѓа во болница. Целта на ваквите повици е граѓаните, под притисок и страв, да предадат пари на непознати лица.
На граѓаните им се препорачува да не предаваат пари по телефонски барања, да ги проверуваат информациите преку директен контакт со роднините и секој сомнителен повик да го пријават на 192 или 112. Во одделна активност во Ресен, полицијата делела едукативни материјали за безбедно возење во зимски услови.


