Најмалку 32 лица се повредени при судир на нафтен танкер и речен крузер во пристаништето во Њу Орлеанс, во американската сојузна држава Луизијана. Несреќата се случила кога крузерот „American Heritage“, кој пловел по реката Мисисипи, пристигнал во пристаништето и дел од патниците започнале да се симнуваат.
По ударот, крузерот се превртел. На бродот имало 129 патници и околу 20 членови на екипажот. Спасувачките служби интервенирале, а градоначалничката на Њу Орлеанс, Хелена Морено, соопштила дека сите лица биле спасени. Триесет и две лица биле пренесени во болница, но според нејзината изјава никој не бил во критична состојба.
Американската крајбрежна стража привремено затворила дел од реката за пловен сообраќај. Причината за судирот засега не е утврдена, а властите во Луизијана најавиле истрага за околностите на несреќата.


