Агенцијата за храна и ветеринарство започна со дистрибуција на 400.000 дози вакцини против сипаници кај овци и кози до ветеринарните друштва низ Македонија. Вакцините се обезбедени како донација од Европската Унија, а се од турско производство.
Според најавата на АХВ, вакцинацијата на терен се очекува да започне во среда, 18 ноември, согласно одобрениот план. Предвидено е со активностите да бидат опфатени 3.417 стада со вкупно 438.042 животни, распоредени во осумте региони во земјата. Агенцијата информира дека вакцините поминале лабораториски испитувања на Факултетот за ветеринарна медицина.
Спроведувањето на вакцинацијата треба да придонесе за заштита на сточниот фонд и намалување на ризикот од ширење на заразната болест. Сточарите треба да ги следат известувањата од надлежните ветеринарни друштва за конкретните термини и организацијата на вакцинацијата.


