Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на седницата на Советот ја повика советничката група на ВМРО- ДПМНЕ да престане да ги става партиските интереси пред потребите на граѓаните. Тој потсети дека во изминатите четири години Советот едногласно поддржувал проекти од интерес на центарци и дека токму таа соработка дала резултати.
„Вие изминатите неколку месеци работите во интерес на партијата. Граѓаните го гледаат тоа, го оценуваат и ќе го казнат, верувајте“, порача Герасимовски.
Тој посочи дека до изборите има време, а пред Советот веќе стои конкретна обврска – носењето на буџетот. Герасимовски ги покани сите советнички групи да учествуваат на претстојните буџетски форуми и заедно да ги утврдат приоритетите за програмата и буџетот на Општината.
„Ве поканувам сите да учествувате, заедно да ја креираме и програмата и буџетот“, рече Герасимовски. Тој додаде дека е подготвен заедно со сите советнички групи да излезе пред граѓаните и да каже што сработиле за Центар. Заслугата за заедничките проекти, нагласи, им припаѓа на сите што придонеле за нив.
Герасимовски ја повика советничката група на ВМРО-ДПМНЕ да не дозволи нејзината работа да се користи за туѓи интереси и лични суети. „Дајте сите заедно да работиме во интерес на граѓаните, а не на политичките партии“, порача градоначалникот.
фото Општина Центар


